„Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, инспекциските служби на АХВ, со цел обезбедување на висок степен на заштита на здравјето на потрошувачите, покрај редовните, спроведува и засилени, вонредни контроли кај сите оператори со храна. Акцент со контролите во овој временски период ставен беше на операторите што организираат предновогодишни и новогодишни прослави и во месарници, месарници со работилница, рибарници и други специјализирани продавници за храна од животинско потекло, каде периодов има зголемена побарувачка и потрошувачка на храна“, појаснија од АХВ.
На територијатата на цела држава спроведени биле вкупно 423 надзори во гостилници и ресторани и 228 вонредни контроли кај оператори со храна од животинско потекло.
„Генералните неусогласености утврдени со контролите се однесуваат на неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените лица, неусогласености во однос на хигиенските и микробиолошките барања за безбедност на храна и вода, нерегистрирани правни лица како оператори со храна во АХВ. Кај неколку оператори најдена е небезбедна храна и храна со поминат рок, утврдено е несоодветно складирање и селектирање на храна, нередовно ажурирање на записите за добра хигиенска, добра производствена пракса и HACCP, неспроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, како и неземени мостри од храна за лабораториско терстирање, производи без декларации и со нецелосни и нејасни декларации и други помали недоследности, за што се издадени соодветни решенија“, истакнаа од АХВ.
Од Агенцијата апелираа во пресрет на новогодишните празници, да се купува храна од одобрени и регистрирани објекти што ги имаат имплементирано системите за безбедност на храната, да се внимава на означувањето на производите, како и на тоа каде тие се чуваат.
„Во домаќинствата важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзино чување на соодветна температура“, потенцираа од АХВ.






