„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30 отсто, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста!“ – изјавил Ахмети, отфрлајќи ги стравовите дека Албанците наводно „ја преземаат државата“.
Сепак во својот говор пред поддржувачите, Ахмети упатил јавен повик до премиерот Христијан Мицкоски, и побарал директни објаснувања за „политиките кои го загрозуваат соживотот и мирот“.
„Од овој собир во Арачиново, јавно му се обраќам на Христијан Мицкоски со барање да им објасни на албанските граѓани: Зошто го менува Законот за употреба на јазиците?
Зошто го менува Охридскиот мировен договор? Зошто ги загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“, прашал Ахмети.
Говорејќи за обидите за поделба меѓу Албанците и нивно наводно заменување со т.н. „чесни Албанци“, Ахмети предупредил на враќањето опасни идеологии.
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, порачал Ахмети, потенцирајќи дека Албанците нема да дозволат повторно да бидат „слуги во сопствениот дом“, дека денес имаат три универзитети и илјадници професионални кадри.
Сепак не пропуштил да зборува и за, според него – тенденциите кон едноетничка држава, порачувајќи дека „не е во ничиј интерес да се загрози соживотот“.
Во завршницата, лидерот на ДУИ повикал на мир, обединета Европа и слободно движење, спротивставувајќи се на идеите за „големи држави“ со визија за регионална интеграција.
„Ние не бараме голема Албанија, ниту голема Србија, ниту голема Бугарија – туку голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција. Западен Балкан обединет во Брисел, во мир и конечно помирување!“, порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети.