Протестот ќе се одржи на плоштадот Скендербеј во Тирана, со почеток во 17 часот, под мотото: „Правда за ослободителите, против неправдата во Хаг“. Али Ахмети, кој беше присутен и на протестот организиран во Приштина, како еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, ја прифати поканата на организаторите да биде дел од овој голем општонароден протест.
За ДУИ и за нејзиниот претседател, војната на албанскиот народ предводена од Ослободителната војска на Косово била праведна, неопходна и поддржана од целиот демократски, западен и слободољубив свет.
„Периодот по војната и бројните судски процеси, домашни и меѓународни, јасно ја потврдија чистотата на таа војна за слобода, демократија и независност“, сметаат во ДУИ.
Исто така, ДУИ потенцира дека правдата за албанскиот народ не може да се гради врз политички процеси наметнати од Русија, ниту врз „докази“ фабрикувани од Србија.
„Претседателот Али Ахмети е неразделен дел од борбата за слободата на албанскиот народ и токму поради тоа силно го поддржува протестот свикан од организациите произлезени од војната на ОВК, откажувајќи ги сите изборни партиски активности“, известуваат од ДУИ.






