понеделник, 5 мај 2025

Агенцијата за заштита на лични податоци работи со тројца супервизори

Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) има итна потреба за вработување на нов кадар, како и овозможување на целосна финансиска независност и самостојност за да не се наруши концептот на заштита на личните податоци во земјава којшто е воспоставен со Законот за заштита на личните податоци.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Агенцијата во континуитет се соочува со заминување на кадар, најчесто во приватниот сектор поради повисоките плати. Во моментот, вкупниот број на вработени, заедно со заменик-директорот изнесува само 17 лица. Со овој мал тим, АЗЛП ги покрива сите обврски на територијата на целата држава и располага само со тројца супервизори. Со овие вработени, пополнети се само 32 отсто од местата во систематизацијата. Со ваков капацитет, Агенцијата е надзорен орган со најмалку вработени во регионот, пишува МИА.

Но, бројката на вработени наскоро ќе се намали за уште двајца поради заминување во пензија.

Според Општата регулатива за заштита на податоци (ГДПР), независноста на надзорниот орган е еден од клучните предуслови за ефективна заштита на личните податоци, АЗЛП се уште зависи од одобренија на Министерството за финансии за вработување нов кадар и за унапредување на постоечкиот и од Министерството за јавна администрација за унапредување на постоен кадар и за ревизија на организациската структура.

Заложбите на агенцијата, но и на Центарот за правни истражувања и анализи и на Македонското здружение на млади правници, кои работат во оваа област, се да се овозможи функционална независност за управување со човечки ресурси и за самостојно располагање со буџетските средства, согласно оштата регулатива на ЕУ за заштита на лични податоци и Законот за заштита на личните податоци.

Од Министерство за финансии, се бара активно да го следи процесот и да овозможува навремено одобрување на нови вработувања согласно предвидената ситематизација на работни места како и унапредувања на постојниот кадар на агенцијата.

Во Извештајот на Европската комисија за 2024 година се наведува дека АЗЛП има недостаток на финансиска и функционална независност односно дека нема доволно независност за самостојно вработување и управување со буџетот, дедка има оперативни ограничнувања во смисла на намален број вработени (само 16), поради ниски плати и недостаток на финансиски средства. АЗЛП, според овој Извештај, не е систематски консултирана за секторските закони, а постои слаба координација и следење на нејзините препораки во Парламентот. Во Извештајот исто така се забележува и недостаток на усогласување со ГДПР и со Директивата за спроведување на законот на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ