Во изминатите пет месеци, пратеничката Мојсоска неколку пати поднесуваше официјални пратенички барања до генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, но одговор не добила. Дури и откако се обратила како физичко лице со барање за пристап до јавни информации, податоците што ги добила биле, според неа, непотполни и паушални.
„Ова е таа вмровско-‘скандинавска’ транспарентност, каде пет месеци генералната секретарка на Собранието не одговара на пратеничко барање. А на моето барање како граѓанин, ми доставија само вкупна сума, наместо податоци поединечно по пратеник“, напиша Мојсоска на својот фејсбук-профил. Таа посочи дека Собранието има рок од 15 дена да ги достави побараните информации. Мојсоска во својата објава порача и дека граѓаните не дале поддршка за промени за пратениците да се однесуваат „како исфрустрирано-неизживеани насилници кои сакаат само да демонстрираат моќ“, велат од Левица.
Пратеничката група на Левица, како знак на протест поради ова, бара пауза на секоја собраниска седница во траење од еден час, со цел да го притисне раководството на законодавниот дом да ги обелодени трошоците.
Од партијата подолго време алармираат дека постои сериозен сомнеж за злоупотреба на јавни средства од страна на дел од пратениците, посебно оние од владејачкото мнозинство, кои, според нив, истовремено користеле надоместоци и за кирија и за патни трошоци – што би претставувало класичен пример на злоупотреба на функцијата.