Во објаснувачката изјава на извештајот, Ауштревичиус наведува дека руската воена агресија врз Украина и тековните значајни геополитички промени, предизвикаа нова динамика во процесот на проширување на ЕУ.
„Со доделувањето на статусот земји-кандидати за членство на Украина, Грузија и Молдавија, сега има десет држави кои тргнаа на патот кон ЕУ. Од перспектива на ЕУ, проширувањето е геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и просперитет. Иако очекувањата и напредокот на одделни земји кандидати се различни, сите тие се оценуваат врз основа на фер и ригорозна условеност, принципот на сопствени заслуги и реверзибилност“, вели Ауштревичиус.
Според него, извештајот ја оценува соодветноста и релевантноста на актуелната политичка позиција на ЕУ за проширувањето и методологијата што ја применува комисијата, проценувајќи го целокупниот напредок во подготовките за пристапување и преговорите за да се поттикнат неповратни реформи.
Во предлог-извештајот се повторува дека проширувањето е од најголема стратешка важност за ЕУ во услови на руската агресија врз Украина и други заеднички геополитички предизвици, што бара долгорочна политичка демократска визија и храбри одлуки.
„Нерешените билатерални прашања меѓу земјите од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ треба да се решаваат билатерално и не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на кандидатите за членство“, се вели во извештајот.
Во него се нагласува и дека регионалната соработка е предуслов за пристапување во ЕУ и дека помирувањето, кое води кон добрососедски односи, е клучно за успешно пристапување во Унијата.
„Проширувањето е добитна опција и за сегашните и за идните земји членки, ја нагласува политичка итност од демонстрирање на посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување, инсистира дека проширувањето на ЕУ ќе ја зајакне европската безбедност, и уште еднаш нагласува дека иднината на Западниот Балкан, Украина и Молдавија е во рамките на ЕУ“, се вели во предлог-документот.
Во него се потенцира дека пристапниот процес е клучна алатка за промовирање на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните права и суштинско сидро за поттикнување на регионалното помирување и стабилност, зголемување на отпорноста и заштита на земјите кандидати од штетно надворешно мешање.
„Одржувањето и зајакнувањето на политиката на проширување е неопходно за влијанието на ЕУ во регионот и пошироко, особено во време на зголемена геополитичка нестабилност“, се потенцира во предлог-извештајот.
Во документот се посочува дека пристапувањето кон ЕУ мора да биде процес базиран на заслуги и дека секој кандидат мора да биде оценуван според сопствените заслуги во однос на исполнувањето на Копенхашките критериуми, усогласеноста со законодавството на ЕУ и исполнување на сите дополнителни услови утврдени во преговарачката рамка.
Во извештајот се охрабруваат земјите опфатени со процесот на проширувањето да продолжат решително да ги спроведуваат потребните реформи и да постигнат видлив и неповратен напредок, вклучително и во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Пристапот базиран на заслуги може да подразбира замрзнување на преговорите за пристапување во случај на назадување во однос на фундаменталните вредности, при што преговорите ќе продолжат дури откако ќе се постигне значителен напредок во реформите. Земјите што не се успешни во однос на демократското управување мора да се соочат со последици за да се обезбеди дека процесот на пристапување останува навистина базиран на заслуги. ЕУ мора проактивно да ги поддржува демократските столбови во земјите кандидатки за да ја зајакне стабилноста и реформскиот моментум“, се вели во предлог-извештајот.
Во документот се посочува дека паралелно со подготовките на земјите-кандидати за членство и ЕУ мора да ги спроведе потребните реформи за да се подготви за прием на нови членки, при што се предлага воведување на гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување, со укинување на консензусот при одлучување во меѓуфазите во преговарачкиот процес.
„Се признава важноста на постепената интеграција во заедничките политики на ЕУ, како што е единствениот пазар, за земјите кандидатки кои постигнуваат значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ. Иако постепената интеграција на земјите кандидатки може да им помогне да го спроведат законодавството на ЕУ и со тоа да го направат транзицијата кон членство во ЕУ полесна, таа не може да го замени полноправното членство во ЕУ“, се додава во извештајот.
Во него се оценува дека претпристапната финансиска помош за Западниот Балкан, Украина и Молдавија е клучна за нивна институционална и економска трансформација и се нагласува важноста на вклучувањето на земјите кандидатки во тековните и идните проекти на ЕУ за поврзување, транспорт, енергија и воена мобилност.
„Се нагласува потребата од континуирана поддршка и тесна соработка со сите земји опфатени со процесот на проширувањето кои се соочуваат со силно надворешно мешање во нивниот процес на поврзување со ЕУ и да им се помогне во борбата против манипулациите со информации и странско мешање, се додава во предлог-извештајот.
Документот сега треба да биде усвоен од страна на Европскиот парламент, најверојатно на следната пленарна сесија во Стразбур кон средината на февруари.






