понеделник, 8 декември 2025
Се испитува дали, кој и зошто прислушувал

Аферата со прислушувањето на Мицкоски и новинарите влезе во Обвинителството

Премиерот на македонската влада, Христијан Мицкоски посочи дека во минатото двете агенции, односно Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ги користеле државните ресурси за да го прислушуваат него, но и бизнисмени и новинари. Овој случај влезе во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, од каде што велат дека се преземаат мерки, но бидејќи постапката е тајна детали не се откриваат.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Веднаш по добивањето на известувањата од АНБ, ОЈО ГОКК отвори предмет по кој активно се постапува во насока на испитување на наводите од известувањата. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов не може да се споделат детали за преземените и идните мерки и активности што предметниот обвинител ги спроведува во рамките на своите надлежности“, велат од Обвинителството.

Премиерот денес изјави дека не може да зборува за деталите, но дека АНБ и АР се занимавале со него.

„Јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така се класифицирани тие документи. Но едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале во тоа време со претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото, и со бизнисмени, и со новинари. Така што еве да оставиме време, периодов процесот да тече, да видиме обвинителството што ќе каже и судиите, нормално, во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа, бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува“, посочи Мицкоски.

Наспроти неговите тврдења, поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, преку објава на „Фејсбук“ реагираше на сериозните обвинувања изнесени од премиерот и од актуелниот директор на АНБ, за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), како и бизнисмени и новинари.

„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ беше споменат периодот 2019–2024 година, во дел од кој јас ја извршував функцијата директор, одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија во периодот 2019–2022 година, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата. Не бил предмет на организирана оперативна работа, ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки,“ напиша Димовски.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско прислушување на новинари и медиумски работници во периодот 2019–2024 година, за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), се наведува во соопштението на ЗНМ и ССНМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ