Охридскиот аеродром ја добил оваа акредитација за управување со емисии на јаглерод на Ниво 2, од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International-ACI) во рамките на нивната глобална програма за акредитации на аеродроми за управување со јаглеродни емисии (Airport Carbon Accreditation-ACA) како резултат на активностите преземени во процесот за намалување на емисиите на јаглерод во работењето на аеродромот.
„Достигнувањето на акредитацијата-Ниво 2 за управување со јаглеродни емисии на аеродромот претставува официјално признание дека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид систематски ги мери, анализира и активно работи на намалување на своите емисии на јаглерод. Оваа акредитација ја потврдува нашата посветеност како ТАВ Македонија на меѓународните стандарди за одржливост и испраќа јасна порака дека заштитата на животната средина е стратешки приоритет во работењето на аеродромите што ги управуваме. Преку вакви конкретни чекори, ние продолжуваме да придонесуваме за поодговорен развој на воздухопловството и за долгорочни придобивки за заедницата и идните генерации“, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Акредитацијата-Ниво 2 за охридскиот аеродром директно, според ТАВ Македонија, покажува дека аеродромот не само што го разбира своето јаглеродно влијание, туку и имплементирал ефикасни стратегии за активно намалување.
„Ова значи дека аеродромот во Охрид воспоставил јасни и мерливи цели за намалување на емисиите и од Опсег 1 и од Опсег 2, кои вклучуваат емисии од потрошувачката на енергија на самиот аеродром, греење, ладење и возилата во сопственост на аеродромот. Клучните иницијативи што придонесуваат за постигнување на ова ниво се – транзиција на возниот парк, зголемување на уделот на опрема за копнена поддршка на батериски или хибриден погон, оптимизација на потрошувачката на енергија, користење обновливи извори на енергија и инвестирање во инфраструктура за полнење на електрични возила (EV), унапредување на управувањето со отпад, програми за ефикасно користење на водата, обуки на персоналот и иницијативи за подигање на свеста со цел вградување на одржливоста во секојдневното работење, како и формирање Комитет за одржливост за надзор и управување со еколошките ризици и обезбедување дека намалувањето на јаглеродните емисии останува стратешки приоритет“, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Акредитацијата за управување со емисии на јаглерод на аеродроми е единствената институционално одобрена, глобална програма за сертификација за управување со емисии на јаглерод за аеродромите, која им помага да управуваат и да ги намалат своите емисии на јаглерод во согласност со меѓународните стандарди. Независно ги проценува и признава напорите на аеродромите за управување и намалување на нивните емисии на јаглерод преку 7 нивоа на сертификација: „Ниво 1“, „Ниво 2“, „Ниво 3“, „Ниво 3+“, „Ниво 4“, „Ниво 4+“ и „Ниво 5“.
Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International – ACI) е глобална трговска организација која ги претставува аеродромите ширум светот и работи на подобрување на безбедноста, ефикасноста и одржливоста во воздухопловството.






