четврток, 19 јуни 2025

АЕК ќе распише јавен тендер за нов мобилен оператор поради голем интерес

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) најави дека ќе распише јавен тендер со јавно наддавање за доделување радиофреквенции, откако пристигнале писма за искажување интерес од три компании: ONE Македонија, Битстрим Мобиле и ППФ Телеком Груп.

Објавено на

часот

Сподели

Компанијата УАН Македонија доставила предлози за измени во условите, меѓу кои се можност за плаќање на рати, попусти за нови оператори, ревидирање на обврските за 5G покриеност и одложување на почетокот на комерцијалното работење. АЕК прифатила дел од предложените измени, како што е ревидирањето на условот за 5G покриеност – сега се бара сите населени места да имаат 5G сигнал до 2032 година – и дозволата за започнување со мрежа во најмалку еден град до крајот на 2026 година.

Сепак, предлозите за намалување или одложување на плаќањата биле одбиени поради постоечките законски ограничувања.

Во писмото од Битстрим Мобиле бил изразен интерес за фреквенции што не биле опфатени со првичната Намера, по што АЕК најавила дека ќе објави нова процедура за тие опсези. Од своја страна, ППФ Телеком Груп оценила дека минималните надоместоци се преголеми, но АЕК појаснила дека тие се утврдени врз основа на направена анализа и не постои можност за нивно намалување.

Компанијата А1 Македонија, пак, побарала став од АЕК дали ќе интервенира доколку новиот оператор се спои со некој од постоечките. Агенцијата појаснила дека и во претходен сличен случај постапила со цел да се ослободат фреквенции и да се заштити конкуренцијата, и дека ќе продолжи да постапува на истиот начин и во иднина.

Имајќи предвид дека бројот на заинтересирани субјекти го надминува бројот на достапни дозволи, АЕК ќе објави јавен тендер со јавно наддавање. Со ова се отвора можност за појава на трет мобилен оператор на пазарот во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ