понеделник, 5 мај 2025

АЕК иницира јавна расправа за тендерот за влез на трет мобилен оператор во Македонија

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на Оне Македонија телекомуникации, фирмата што унгарската телеком-компанија 4иГ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

Објавено на

часот

Сподели

„По сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од Друштво за телекомуникациски услуги Оне Македонија телекомуникации ДООЕЛ Скопје број 0805-1103/1 од 16.04.2025 година, Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции“, пишува во објавата од АЕК.

Писмото за искажување интерес треба да се достави до АЕК до 16 мај годинава, а од резултатот на јавната расправа   согласно Законот за електронски комуникации ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тендерот.

Од АЕК велат дека во однос на регулаторната политика за користењето на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, треба во секое време да обезбедат ефикасна и одржлива конкуренција, што подразбира присуство на пазарот на повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги. Поради тоа, како што појаснуваат, одобренијата што се предмет на оваа Намера ќе се издаваат само на нови мрежни оператори, односно писма за искажување интерес од страна на постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски телеком) нема да бидат земени во предвид.

Агенцијата планира да додели едно одобрение за користење радиофреквенции во опсегот 700 MХз, едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 1.800 MHz и едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 3.x ГХз. Предмет на јавниот тендер се, 2х10 МХз во фреквенциски опсег 694-790 МХз, и тоа 703-713/758-768 МХз, 2×10 МХз во фреквенциски опсег 1.710-1.785/1.805-1.880 MХз, и тоа 1.775-1.785/1.870-1.880 MХз и 100 MHz во фреквенциски опсег 3.400-3.800 MХз, и тоа 3.500-3.600 МХз.

АЕК предлага висината на најнискиот износ на еднократниот надомест да изнесува 4.200.000 евра за одобрението А1 во фрекфенцискиот опсег 700 МХз, 1.500.000 евра за одобрението Б1 за  фрекфенцискиот опсег 1.800 МХз, 2.320.000 за одобрението Ц1 за фреквенцискиот опсег 3.400-3.800 МХз.

Рокот на важност на одобренијата за користење на радиофреквенции А1 и С1, ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението В1 осум години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.

Операторот што ќе добие одобрение е должен да ја обезбеди следната покриеност, до крајот на 2026 година најмалку еден град да биде покриен со 5Г сигнал, До крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал и до крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Мбпс.

Параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги што се обезбедуваат треба да бидат во согласност со Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги кои се остваруваат преку јавна радиокомуникациска мрежа. Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на отпочнување на важност на одобрението. Во областите каде што има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради нов сајт ќе мора да ги консултира и останатите оператори за заедничко инвестирање. Исто така операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.

Како што пишува во објавата од АЕК, сите заинтересирани страни што сакаат да ги користат објавените радиофреквенции и во моментот на објава на јавната расправа за оваа Намера не поседуваат сопствени јавни радиокомуникациски мрежи на територијата на Македонија и не поседуваат одобрение за користење на радиофреквенции наменети за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги во нашата држава, треба да достават писмо за искажување интерес најдоцна до 16 мај 2025 година во архивата на Агенцијата на адресата: Агенција за електронски комуникации Кеј Димитар Влахов бр.21 1000 Скопје.

Групацијата 4иГ, преку својата подружница ОНЕ Македонија телекомуникации, на 17 декември лани официјално достави писмо за намери до АЕК, каде изрази интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државава.

„Нашето истражување на пазарот покажа големи можности поради достапноста на опсегот на фреквенции и секако поради поддршката од регулаторната средина“, соопшти тогаш групацијата порачувајќи дека достапноста на фреквенцијата е од суштинско значење за градење на мрежата.

На 18 октомври минатата година Групацијата објави дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора,  започнала со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија, со основање на подружница Оне Македонија телекомуникации, а претходно раководството на компанијата  потпиша меморандум за соработка со македонската Влада.

Вицепремиерот и министер за транспорт Алескандар Николоски тогаш во изјава за медиумите оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од 4iG Group ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги.

„Унгарската компанија 4иГ денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката. Се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот, два оператора, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани, ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари“, изјави Николоски.

Според Извештајот за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, што го објави АЕК на 15. месецов, вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигна 2.095.819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал,  а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.

Последната новина на пазарот на мобилна телефонија во државава се случи на 1 февруари 2022 година, кога со услуги стартуваше хибридниот виртуелен мобилен оператор М–Тел.

Податоците за уделот на мобилните оператори на пазарот на мобилна телефонија по број на активни претплатници заклучно со 30 септември лани  покажуваат дека А1 Македонија учествува со 47,71 процент, Македонски Телеком со 46,66 проценти, Лајкамобајл има пазарен удел од 3,12 проценти, Телекабел од 1,20 проценти, М-тел од 1,21 процент додека Греен Мобиле има пазарен удел од 0,10 проценти. Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2Г/3Г/4Г) имаат 1.732.063 претплатници, а пристап до интернет со широк опсег 544 937. Порастот на квартално ниво кај претплатниците со мобилен интернет изнесува 11,75 проценти, а на годишно ниво 2,3 проценти.

АЕК во анализа на релевантиот пазар за завршување повик во мобилна телефонија што ја објави на почетокот на минатата година констатираше недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија. Укажува дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, таа е ограничена и претставува бариера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ