понеделник, 12 јануари 2026

АЕК денеска одлучува за избор на трет мобилен оператор

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор, откако на 24 ноември минатата година, на барање на единствениот понудувач „Оне Македонија телекомуникации“, подружница на унгарската групација 4иГ, ги продолжи роковите утврдени во тендерската документација.

Објавено на

часот

Сподели

Со последната одлука на АЕК, крајниот рок за доделување одобрение за користење радиофреквенции е 25 февруари 2026 година.„ Се предвидува официјалниот влез на новиот оператор да се случи на почетокот на 2026 година. Ова ќе ја зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше континуирана забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија“ – изјавија од АЕК минатиот месец.

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги започна минатата година, откако Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, со кое изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски тогаш оцени дека официјализирањето на овој интерес ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори и намалување на цените на мобилните услуги.

На 22 април 2025 година, Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултираше со писма за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и „е&ппф телеком груп Б.В.“. На 19 јули 2025 година, АЕК донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.

Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надомест за одобрението А1, изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 – 1,5 милион евра, а за одобрението Ц1 – 2,32 милиони евра. Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и Ц1 е 12 години, односно до 2037 година, додека одобрението Б1 ќе важи осум години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.

На македонскиот пазар во моментов работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп.

Заклучно со третиот квартал од минатата година, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2.105.467. Резиденцијални припејд-претплатници има 833.089, резиденцијални постпејд 1.024.072, а деловни постпејд 248.306.

Според податоците на АЕК за третиот квартал од минатата година, „А1 Македонија“ има 47,41 процент удел во вкупниот број претплатници, „Македонски телеком“ 46,68 проценти, „Мтел“ 4,55 проценти, „Телекабел“ 1,27 процент, а „Греен мобиле“ 0,10 проценти. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги на малопродажно ниво во третиот квартал од 2025 година, „Македонски телеком“ учествува со 49,49 проценти, „А1 Македонија“ со 48,58 проценти, „Мтел“ со 0,93 проценти, „Телекабел“ со 0,79 проценти, а „Греен мобиле“ со 0,11 проценти. Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во третиот квартал имале 1.781.697 претплатници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ