недела, 7 декември 2025

Адвокатската комора за писмото на јавниот обвинител Коцевски: Обид да се замолчат адвокатите

Неосновани се наводите од јавниот oбвинител на Македонија, се вели во одговорот на Адвокатската комора по нападот на обвинителот Коцевски на изјавите на некјои адвокати.

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатската комора на Македонија вчера соопшти дека го примиле дописот од јавниот обвинител на Македонија, Љупчо Коцевски во врска со предметот за пожарот во дискотеката во Кочани.

„Во дописот неосновано се тврди дека адвокатите изнесуваат свои ставови и коментари по однос на поднесеното обвинение ‘без воопшто да се запознаени со содржината на обвиненито и доказниот материјал’. Ова не е точно, бидејќи сите адвокати го имаат добиено обвинението, а со поднесување на обвинението истото е достапно за јавноста со што се достапни и сите наводи и докази во обвинението.

Во дописот е наведено дека адвокатите постапуваат спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите со кој се должни да го чуваат угледот на судот и институциите пред кои се јавуваат. Во контекст на ова, напоменуваме дека адвокатите со ништо не го нарушиле угледот на Судот. Согласно Уставот, законите, одлуките на Европскиот суд за човекови права, како и Конвецијата на Советот на Европа за заштита на професијата адвокат, истите имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти или коментари поврзани со постапки од јавен интерес. Исто така, согласно oвие домашни и меѓународни акти, адвокатите имаат право да ја информираат јавноста за прашања поврзани со случаите на нивните клиенти. Од наводите во дописот не произлегува дека адвокатите го нарушиле угледот на судот и институциите пред кои се јавуваат. Ова дотолку повеќе, што досега немаме никаква реакција од судовите дека им бил нарушен нивниот угледот. Останува нејасно зошто јавниот обвинител на РСМ навлегува во надлежноста на судот.

Во изминатиот период, сведоци сме дека повеќе правни експерти, стручната јавност, како и лица компетентни за следење на судските постапки недвосмислено укажуваа дека со оглед на бројот на обвинети лица, како и бројот на оштетени лица очекувано е дека судската постапка ќе трае долго. Оттаму е безмалку зачудувачка реакцијата во дописот кога истото го навестуваат и адвокатите.

Адвокатската комора на РСМ будно ги следи случувањата и постапувањата во врска со трагичниот настан и досега нема утврдено дека ниту еден од адвокатите, на каков било начин ја одолговлекувал или оневозможувал постапката. Ова, особено поради фактот што до подигнувањето на обвинението, Јавното обвинителство беше единствено кое ја водеше истрагата, ги обезбедуваше доказите и утврдуваше кои лица ќе бидат обвинети и за какви противзаконити дејствија. Согласно принципите на тајноста на истражната постапка, адвокатите во ниту еден момент не можеа, а и не преземаа какви било дејства за спречување, односно одолговлекување на овој дел од кривичната постапка. Сакаме да истакнеме дека Јавното обвинителство беше тоа кое што во изминатиов период на прес конференции наведе поединечно кои лица се обвинети, кои лица какви дејства преземале и за што се обвинети и тоа уште пред да стапи обвинителниот акт на сила. Во интерес за правилно известување на јавноста, Ве информираме дека адвокатите не се тие кои влијаат на времетраењето на истражната постапка, ниту пак би влијаеле на претстојната судска постапка.

Напоменуваме дека во конкретниот случај има повеќе од 60 жртви и повеќе од 200 оштетени лица. Ова го кажуваме со цел да објасниме дека адвокатите во кривично правниот предмет покрај тоа што се бранители на обвинетите, се појавуваат и како полномошници на оштетените што недвосмислено води до заклучок дека никој од адвокатите нема тенденции да ја одолговлекува судската постапка.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека Судот вложи максимални напори за да обезбеди услови за почеток на судската постапка по овој предмет. Ги цениме напорите на Судот, како на организациски, така и на професионален план, свесни дека во постапката ќе учествуваат огромен број на учесници.

Да бидеме појасни, Јавното обвинителство не е суд, туку странка во постапката, па оттаму наводите во дописот ги сметаме за директно мешање во работата на адвокатите, повредувајќи ја независноста на адвокатската дејност, а недвосмислен е и впечатокот дека ова е обид да се замолчи и спречи одбраната и полномошниците на оштетените за нивно произнесување и правилно информирање на јавноста. Согласно законите, Јавното обвинителство и адвокатите треба да се грижат за законитост во постапката и да се борат за заштита на законите и на Уставот. Ова сето треба да е во една законита и транспарентна постапка без било која од странките неосновано да нанесе штета на другата странка или судот.

Едно е сигурно и треба на сите учесници во постапката да ни биде јасно дека ова судење ќе биде тест за ефикасноста на целиот правосуден систем, тест за фер и правично судење. Оттаму, со професионалното однесување на странките во постапката треба да му се овозможи на судот што е можно побрзо и поефикасно постапување. Сметаме дека заради голем интерес на јавноста, постапката ќе се води транспарентно.

Адвокатската комора останува отворена за дијалог и соработка и ги повикува сите институции да покажат взаемна почит и воздржаност во меѓусебната комуникација водејќи се исклучиво од принципите на владеењето на правото“, се вели во реакцијата на Адвокатската комора на Македонија.

Претседател

Љубомир Михајловски, адвокат

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ