Во воведните зборови адвокатот Ванчо Шехтански, бранител на поранешниот пазарен инспектор Миле Ампов, изрази сомнеж дека пожарот можеби претставува терористички акт. Тој праша зошто таквата теза била отфрлена уште на почеток, и покрај, како што рече, „чудниот след на настани“ во критичниот ден.
„Се бараат документи од 2012 и 2013 година, се префрла вниманието, но ние ќе го свртиме таму каде што треба. Од 35 обвинети, 30 не биле ниту присутни на местото на пожарот. Кој го запали објектот? Зошто се запали? Зошто нема вештачење на прскалките – кој ги купил, кој ги внел? Кој ги затворил вратите? Зошто бил блокиран излезот? Ние нема да се занимаваме со небитни документи од 2012 година. Вистината мора да се каже“, изјави Шехтански, додавајќи дека обвинителниот акт е „свилен гајтан за државата“.
Тој посочи дека е создадено јавно мислење за сторители, „а ниту еден од вистинските сторители не е тука“.
Според него, правосудството има само „два отсто рејтинг, и тоа со причина“. Шехтански праша и зошто во обвинителниот акт нема податоци од безбедносните служби, ниту пак било какви сознанија за евентуални закани или дејствија на денот на пожарот.
Шехтански повторно се осврна на прашањето за прскалките, нагласувајќи дека постојат огноотпорни и запаливи типови, а обвинението воопшто не содржи вештачење за нив. Според него, ваквите пропусти оставаат простор за сомнежи и прашања.
Адвокатот критикуваше и дека Обвинителството, наместо да утврдува факти, го пренасочува вниманието на јавноста „на непотребни работи“, што, како што рече, може да биде опасно.
„Ако навистина од прскалките започнал пожарот што доведе до трагедијата, невозможно е во обвинението да нема ниту збор за тоа. Исто е невозможно да нема ниту една забелешка за тоа дали се проверувало можеби и за терористички мотив, со оглед на чудниот тек на настаните“, рече тој.
Шехтански повтори дека токму Обвинителството требало прво да реагира доколку имало незаконитости.
„Да прашам директно – дали обвинителот мирно спие? Наместо да барате причинско-последични врски кај други институции, зошто сами не реагиравте по допрен глас? Трагедијата можеби немало ни да се случи. Како им е на семејствата на обвинетите кои се гледаат како убијци? Вистината не смее да се крие“, додаде тој.
Тој нагласи дека јавноста ниту го видела, ниту има пристап до обвинителниот акт. Како пример наведе и телевизиско гостување, во кое била спомената тезата за терористички акт, а емисијата подоцна била избришана, што кај него предизвикува дополнителен сомнеж.
Одбраната укажа и на, како што рекоа, неточно прикажување на правниот статус на субјектите поврзани со објектот. Според Шехтански, неговиот клиент како инспектор до 2022 година констатирал дека Класик и подружницата Кабаре Пулс не исполнувале услови за работа, но објектот каде што избувнал пожарот не бил ист правен субјект.
Тој потсети дека Ампов во 2024 година бил веќе пензиониран и не можел да врши надзор. Дополнително, објектот каде што се случила трагедијата имал различен назив.
„Дискотека Пулс не постои во Централен регистар. Не манипулирајте. Правното лице ДПТУ Класик е регистрирано во 2009 година и имало подружница Кабаре Пулс. Но Класик не е меѓу обвинетите правни лица. Класик престанал да постои од февруари 2024 година. Објектот каде што се случи трагедијата се вика Клуб Пулс – ниту кабаре, ниту дискотека. Таму е проблемот – нема лиценца. А мојот клиент не можел да врши надзор во 2024 година кога бил во пензија“, заврши Шехтански.






