Ристов од синоќа е во куќен притвор со решение на скопскиот Кривичен суд на предлог на обвинителството. Претходно Судскиот совет вчера на итна седница му го одзеде судискиот имунитет на осомничениот колега.
Адвокатот Давидовиќ, во изјава за ТВ „24“ рече дека истрагата за противправно стекнување и прикривање имот е „правно проблематична“ и оти таа „не може да се примени врз судија“. Тој додаде и дека ќе вложи жалба на одлуката Ристов да оди во куќен притвор.
Според него, законската одредба на која се повикува обвинителството се однесува на одговорни или службени лица во јавни установи, јавни претпријатија или органи што управуваат со државен имот, но дека судовите не спаѓаат во таа категорија.
Давидовиќ тврди дека ваквата формулација не може да се применува на судии, но и на обвинители, а тоа, како што рече, отвора сериозна правна дилема околу самата квалификација на делото. Давидовиќ нагласи дека клучниот доказ што Обвинителството постојано го истакнува се 350 илјади евра пронајдени во домот на родителите на Ристов, но дека тие средства, според записникот од претресот, биле пријавени како нивни лични пари.






