Адвокатката Соколова, која го застапува поранешниот градоначалник Ратко Димитровски, пред судот праша и како може да постои соизвршителство, кога сите тројца градоначалници биле на функција во различен временски период.
„Обвинетиот пред 13 години до надлежните институции поднел барање да не се издава лиценца за објект и паркинг на местото каде денес е ‘Пулс’, но никој до денес не одговорил на ова барање. Во постапката за отворање објект како ‘Пулс’ не е предвидена ниту една фаза во која учествува локалната самоуправа. Димитровски пријавил до надлежна институција да не се издава лиценца за овој објект. Доставил барање, ги навел причините, кажал дека општината не дозволува паркинг место за ваков објект, и сега како може да се каже дека тој се согласил со настапување на штетни последици. Останува неодговорено прашањето зошто ваквото барање не е одговорено, иако Димитровски барал, а надлежните не одговориле. Системот останал глув на барањето на Ратко Димитровски и на она што тој го напишал. Каков апсурд е да пријавиш, да укажеш на неправилност, а по 13 години да те обвинуваат дека не си пријавил?“, посочи во воведен говор адвокатката Соколова.
Во воведните говори на судското рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани одбраната на поранешните градоначалници тврди дека тие не биле надлежни за да можеле да делуваат за објектот да не работи.
Според обвинителниот акт, обвинетите Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов за период од месец ноември 2012 до март 2025, како службени лица, градоначалници на општина Кочани, воопшто не постапиле согласно прописите и правилата за мерките за заштита, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното непостапување.
Во овој судски процес на 35 физички и три правни лица им се суди за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
К.Д.






