среда, 10 декември 2025
Воведни говори на судењето за најголемата трагедија

Адвокатката на Џаферовски до родителите на судењето за Пулс: „Не сме ви непријатели“

Обвинението за пожарот во „Пулс“ е правно погрешно и без факти што го поврзуваат со трагедијата, истакна на денешното рочиште одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски. Неговата адвокатка, Сузана Јошевска Анастасовска, предупреди дека судот не е место за индивидуална кривична одговорност. Џаферовски додаде дека совеста му е апсолутно чиста и дека верува во чесноста на судот.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

„Судии, овој случај е таков што правото е погрешно применето. Обвинителството може да направи грешка, но судот не смее. Аднан не бара заштита, но бара да не се злоупотреби. Мојата единствена порака до вас како родители денеска е дека јас и Аднан Џаферовски не сме ви непријатели. Ова обвинение вака конструирано ни става замка во која сите – ние, вие, судот, јавноста – мораме да се снаоѓаме во хаос кој не е создаден од факти, туку од погрешна правна рамка“, рече Јошевска Анастасовска.

Таа нагласи дека обвинението против Џаферовски, кој беше директор на ДЗС во периодот од 2017 до 2020 година, „ја промашува адресата за кривична одговорност“.

„Обвинителството меѓу обвинетите како Аднан не бара кривична одговорност, туку системска грижа. Не прибирале докази кои би оделе нанапред кон резултатот, туку од списокот се одело наназад. Непристрасна истрага дозволува доказите да водат кон резултатот, но овде резултатот е прво поставен, па после се барало како да се состави приказната. Тоа не е правна логика, тоа е попис претворен во обвинителен акт“, додаде таа.

Јошевска посочи дека ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност без конкретна поврзаност на дејството со последицата, како што бараат правото, разумот и логиката.

„Правниот објект кој изгоре во 2025 година во правна смисла не постоел во времето кога на функција бил Аднан Џаферовски. Објектот бил реконструиран, што значи дека е нов објект. Што точно требал да преземе Аднан Џаферовски од 2017 до 2020 година за да спречи пожар во објект кој изгорел во 2025 година, а настанал во 2024 година? Не можете да обвинете некого за пропуст, ако не можете да докажете што пропуштил“, истакна Јошевска.

Таа додаде дека „директорот не пишува планови и не ги оценува, не може да нареди вонредна инспекција без да добие информација, нема законска надлежност да знае за нелегални објекти“.

Обвинетиот Аднан Џаферовски нагласи дека не чувствува вина за трагичниот настан.

„Не смееме да доволиме една трагедија, едно зло да го одмаздиме со друго и притоа да мислиме дека правдата е задоволена. Мене како човек совеста ми е апсолутно чиста. Обвинет сум за несторување со умисла во нефункционален систем. Јас бев само кратко време на чело на еден фрагмент од тој нефункционален систем кој пробав со моето знаење и умеење да го подобрам и сметам дека во голем дел успеав“, рече Џаферовски.

Според обвинителниот акт, директорите на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 10 март 2025 година, како службени лица „заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување на начин што не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари со отстранување на причините за настанување на пожари, предвидени во член 68 од Закон за заштита и спасување.

На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето е во тек со воведни говори на другите обвинети лица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ