Таа пред судот тврди дека Јованов не е виновен бидејќи тој не бил свесен, ниту можел да биде свесен дека постоеле пропусти во работењето на „Пулс“, бидејќи институциите му дале дозвола за работа, а сето тоа траело 13 години. За настанатиот пожар таа рече дека членовите на групата ДНК воопшто не му ни пријавиле на обвинетиот Јованов дека ќе има огномет за време на сценскиот настап.
„Не браниме злосторство, туку и ние сме овде да побараме правда, но никој не треба предвреме да биде осуден. Дејан Јованов кривично се гони дека во соучесништво со други одговорни лица од 2012 до 16 март 2025 вршел незаконита угостителска дејност и договорил незаконска употреба на пиротехника. Обвинителството од нејасни причини го товари Дејан за две посебни кривични дела, а не за едно, да долови наводна посериозна репресивност. Кај него не постоела умисла и интелектуална свест, бидејќи инспекциската служба никогаш не му предочила никаков законски пропус за преземање какви било мерки за заштита. Со тоа може да се подвлече дека постои стварна заблуда од небрежност, а сторителот бил во заблуда за настапување на штетна последица, што во таков случај значи дека кривично не е одговорен. А во случајот, многу лесно ќе дојдеме до заклучок бидејќи постоела заблуда и за ова кривично дело може да одговара од небрежност, но е и од евентуална умисла. Јасно ми е дека во ваков настан првиот кон кој ќе го впериме прстот е токму газдата на локалот, но одговорот лежи во причината“, рече во воведниот говор Коцевска.
Тезата на обвинителите е дека договорил употреба на пиротехнички средства со ДНК, но тука, вели адвокатката, не можело да постои умисла бидејќи членовите на групата ДНК никогаш не ја пријавиле употребата на пиротехниката.
„Се работи за незаконита употреба на пиротехника, која била незаконито прибавена и пријавена, без дозвола за нејзина набавка во МВР, а пиротехниката не била пријавена кај Дејан Јованов. ДНК и во други претходни настапи самоиницијативно и своеволно си носела и си употребувала пиротехника. Ниту претходно не била пријавувана во МВР. Израснавме со музиката на ДНК, ги сакавме и ги сакаме, беа најголемите хуманитарци, но тоа сепак и за жал не го поправа фактот дека нивната употреба на пиротехника не била регуларна. Ова можеше да се случи каде било и во кое било време. Се работи за локал каде што институциите тврделе дека сè било согласно со законот, а некој на своја рака презел употреба на пиротехника, не можеме да го обвиниме Дејан Јованов. Како можел тој да знае дека ДНК ќе си постават прскалки среде локал и ќе бидат дел од нивниот сценски настап? Претходно кога ќе било пријавено вакво нешто, Дејан проверувал дали е безбедно да се користат и секогаш ангажирал пиротехничар, ако претходно во локалот се користела пиротехника“, додаде адвокатката Коцевска.
„Дејан во ниту еден момент не бил свесен, ниту можел да биде свесен дека постојат пропусти во Пулс. Го нашол објектот што го зел под закуп од обвинетиот Гроздан, ангажирал градежен инженер со подготвување на сите елаборати и дозволи. Имало и план за заштита и спасување од пожари. Оваа подготовка била комплетирана и била дадена до надлежните институции, и чекал лиценца за вршење угостителска дејност. Констатирано било дека биле исполнети условите за да се врши угостителска дејност. На крај, Министерството за економија му издало дозвола, која му се издава 13 години со утврдување дека ги исполнува условите. Бидејќи ако не било така, немало ни да може да добие лиценца. Единствено што имал Дејан биле прекршочни казни за малолетници, кои редовно си ги плаќал. Не бил стручен да препознае дали има или не услови за работа“, вели Коцевска.
Првообвинет, според обвинението, е 53-годишниот кочанец Дејан Јованов, угостител со средно електро-образование, женет и татко на две деца. Јованов е основач и сопственик на фирмата „Класик ДМ“, а еден период бил и управител на подружницата на оваа фирма, кабарето „Пулс“.
Синот на газда Деко по пожарот сакал да си го одземе животот
Михаил Јованов, кој е син на газда Деко, како што го знаат во Кочани, а кого го застапува истата адвокатка, е обвинет во оваа постапка.
За него адвокатката Коцевска вели дека во пожарот ја изгубил девојката со која бил долго време и својот најдобар другар и работел со психолози и психијатри за да го одвратат од мислите да си го одземе животот.
„Не постои ниту еден доказ дека Михаил на каков било начин учествувал во работењето на ‘Пулс’. Одбраната во текот на оваа постапка ќе докаже дека во временскиот период од 2017 до 2021 тој бил студент каде и престојувал, а потоа отворил сопствена фирма, во која уште фигурира како сопственик и управител. За ова имаме и доволно докази и сведоци и ќе одговриме на прашањето зошто обвинителите не успеале да прецизираат едно кривично дело што му се става на товар на ова лице, а тоа е така бидејќи такво дело и не постои. Дејан на својот син никогаш не му предал никакво овластување. Тој бил гостин, но тоа не значи дека управувал со локалот“, рече во воведниот говор за обвинетиот син на Јованов, адвокатката Коцевска.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек со воведните говори на останатите бранители.
Катерина Додевска






