Адвокатите на денешното судско рочиште и ја доставија иницијативата на судијката, иако таа кажа дека судот е тој што не може ништо да смени во однос на актот, бидејќи во тек е судска постапка што трае по оценет обвинителен акт.
„Јас и да сакам, немам законски можности да дејствувам , а ние во овој момент мораме да постапуваме по ова обвинение. На крај, кога сите овде ќе се изјаснат, судот ќе каже што има“, одговори судијката Груевска Илиевска.
(Нејзина фотографија од судењето нема, бидејќи таа од почеток на судењето забрани да се фотографира судечкиот совет кој постапува во еден од најголемите предмети во македонското правосудство)
Забелешка на иницијативата за преиспитување на обвинението имаше и Обвинителството кое денес посочи дека тие епизоди на преиспитување на обвинителниот акт завршија и дека единствената иницијатива по која во судница се постапува е одобрен обвинителен акт.
Обвинителската намера да се опфати цел систем на пропусти во предметот за дискотеката „Пулс“ во Кочани отвора сериозни дилеми во стручната јавност. Предупредувањата се дека преобемно и правно нерамномерно обвинение може да доведе до забавување, слабеење, па дури и уривање на процесот во повисоките судски инстанци. Сега на потег е актуелниот јавен обвинител Ненад Савевски.
Се почести се повиците за ревизија на обвинението, не со цел некој да се спаси од одговорност, туку за да се заштити самиот процес и да се обезбеди правдата да стигне побрзо, појасно и поодржливо до конечен исход.
Уште пред да биде избран на функцијата, Савевски како судија во Кривичниот суд Скопје, јавно укажа на потребата од подетално согледување на случајот.
Во гостување на Телевизија 24 на 24 февруари годинава, говорејќи за предметот Пулс, Савевски изјави дека би сакал да има увид во тоа како дошло до кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите.
„Секако би имал непосредна средба со обвинителите кои работеле во текот на истрагата, и сега како застапници на обвинението да добијам една јасна претстава како излезе оваа правна квалификација“, изјави Савевски.
Неговата изјава дополнително ја отвора дебатата за тоа дали актуелното обвинение е поставено на цврста правна основа или е потребна негова прецизна ревизија пред да продолжи судскиот процес.
Во дискотеката „Пулс“ во Кочани лани во март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Болката на семејствата не стивнува, додека судскиот процес е во тек. Првиот главен судски процес започна на 19 ноември минатата година, а за овој месец се закажани уште две нови постапки, во кои ќе им се суди на полициски службеници.
Во тековната постапка, на 35 физички и три правни лица им се суди за кривично дело тешки дела против општата сигурност, односно за помагање во извршување на истото дело. Според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство Кочани, се опфаќа период од 13 години — од 2012 до март 2025 година — и се наведува дека повеќе одговорни лица, меѓу кои службени и раководни лица од различни институции, не постапиле согласно прописите и техничките правила за заштита, со што придонеле за создавање опасност по животот и имотот.
Обвинети во предметот се лица поврзани со работењето на дискотеката, претходни сопственици и менаџмент, лица од локалната самоуправа, како и службени лица од надлежни институции, вклучително и оние кои учествувале во издавање дозволи или контроли во изминатите години и на сите им се суди за исто кривично дело.
Одбаната бара да се преиспита обвинителниот акт и да се утврди дали и за кое кривично дело треба да им се суди на обвинетите, бидејќи, како што велат од одбраната не може сите да одговараат дека директно го предизвикале пожарот, а некој од нив ставиле потписи на документи пред години.
К.Д.






