сабота, 12 јули 2025

Адвокатите на осудените за убиствата на Вања и Панче ќе се жалат на доживотниот затвор

Јовица Страшевски, Бојан Манев и Игор Ефремов, адвокати на денеска неправосилно осудените Љупчо Палевски, Боре Видевски и Влатко Кешишев најавија дека ќе се жалат на изречената казна доживотен затвор на своите клиенти поради двојнот убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

Јовица Страшевски, адвокат на Љупчо Палевски изјави дека пресудата е донесена без ниту еден доказ.

„Пресудата не ја коментирам. Меѓутоа наше видување е дека како што почна така заврши овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ, судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт. Ниеден доказ нема, ниту разумен сомнеж. Денеска таткото доби по мене заслужена ослободителна пресуда бидејќи немаат докази, исто како и за мојот клиент“, рече Страшевски.

Адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, исто така рече дека ќе вложи жалба на денешната пресуда.

„Секако дека ќе вложиме жалба на денешната пресуда. Ако ја слушнавте објавата на пресудата сигурно слушнавте два непобитни факти. Судот ги ослободува обвинетите од грабнувањето на Панче Жежовски. Како го убија а не го грабнаа? Втората работа, судот вика дека човекот е убиен 10:30. Цела Македонија виде снимка 12:30 часот човекот е жив на бензинска станица на Лукоил во Велес“, рече Манев.

Според Игор Ефремов, бранител на Влатко Кешишев, судот не ги зел во целост олеснителните околности, особено фактот дека доколку не бил Кешишев немало да бидат пронајдени телата. И тој, исто така, најави жалба.

„Сметаме дека Судот не поклони доволно верба на исказот на Кешишев дека дејствувал по страв и по наредби на обвинетиот Палевски“, дополни Евремов.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, ја поздрави ослободителната пресуда, но ја критикуваше истрагата.

Обвинителството пак најави дека ќе се жали на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски.

Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.

Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени на доживотен затвор да биде продолжена до правосилноста на пресудата, додека, по однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски мерката куќен притвор му беше укината бидејќи е ослободен од вина.

Во обвинението за двојното убиство пишува дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ