„Обвинетиот Емил, не знаел и не можел да знае дека во Пулс се обавува угостителска дејност, бидејќи не добил ниту насоки, ниту претставки за правење на конрола. Обвинетиот работи и живее во Виница и тој не знаел дека Пулс работи во 2023, 2024 со нов правен субјект“, рече во воведен говор бранителот на обвинетиот Митев.
Обвинетиот службеник од Министерството за економија Зоран Николовски, според одбраната, ги преземал истите дејствија и во исто време како и неговата колешка Лилјана Илиевска во процесот на издавање на првите лиценци за дискотеката „Пулс“. Но, според бранителот Еленко Миланов во воведниот збор на судењето за пожарот во кочанската дискотека во кој загинаа 63 лица, Јавното обвинителство ја прекинало истражната постапка за Илиевска, додека против Николовски поднело обвинителен акт.
Миланов нагласи дека ова му е трет воведен збор за различни обвинети во истиот предмет, укажувајќи дека останува на веќе изнесените ставови за правната квалификација тешки дела против општата сигурност и прашањето за соизвршителството, особено во делот што се однесува на Николовски.
Тој образложи дека Николовски работел во Министерството за економија до 5 декември 2013 година, а според обвинението, одговара за лиценци издадени во 2012 и 2013 година. Во 2012 година, пред издавањето на првата лиценца, Николовски ги поседувал сите потребни документи согласно член 21 од Законот за угостителска дејност. Иако тоа не било негова обврска, тој испратил допис до Државниот пазарен инспекторат и добил записник дека сè уште траат градежните активности, по што – согласно член 22 – во рок предложил донесување решение.
Подоцна, по ново барање за лиценца, повторно добил записници од ДПИ и други надлежни институции дека минималните технички услови се исполнети. Лиценцата била издадена на 15-от ден, како што налага законот.
„Каде е кривичната одговорност или причинско-последичната врска меѓу постапувањето на Николовски и настанот од 2025 година?“ праша Миланов.
Обвинетиот Зоран Николовски истакна дека работел во Секторот за туризам и угостителство и дека законот ги задолжува службениците само за водење управна постапка, а не за теренска проверка.
„Никогаш не сум видено каде е ‘Пулс’, ниту ми било обврска да вршам проверки на лице место“, рече тој.
Потсети дека постапувал исто и кога првично ја одбиле лиценцата, и кога подоцна се доставиле комплетни документи.
Според него, причинско-последичната врска со настанот престанува со исполнувањето на законската обврска да се издаде лиценцата во рок од 15 дена. „Во 2013 година веќе не работев во Министерството за економија и не можев да влијаам врз никакви понатамошни процеси,“ додаде Николовски.
Обвинетите службеници од Министерството за економија, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи, не можеле да го предизвикаат пожарот во „Пулс“, затоа што биле надлежни само за административна обработка на документи во Министерството за економија, рече нивната бранителка Софија Лаличиќ во воведниот говор.
Лаличиќ рече дека пожарот во кој загинаа 63 лица е голема рана која не смее да биде товар што неправедно ќе падне врз грбот на двајца службеници чии надлежности не се технички, инспекциски, ниту безбедносни.
„Од една страна имаме незамислива трагедија, а од друга страна државни службеници кои совесно ја вршеле работата согласно законите. Овде седат родители кои ја носат најтешката болка, а ние се покоруваме пред нивната загуба. Но, поради нив мора да се држиме до фактите, а не до емоциите, оти ако правдата се измери според тежината на болката, тоа нема да е правда, туку утеха. А судницата не е место за утеха, туку место за утврдување на правилна фактичка состојба“, рече Лаличиќ.
Фактите се, потенцира таа, дека Беким Хаџиу и Арлинда Касапи се државни службеници кои постапувале по лиценците.
Претходно воведен говор даде адвокатот Петре Шилегов.
Во овој судски процес на 35 физички и 3 правни лица им се суди за тешки дела против општата сигурност.
На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
К.Д.
Фото: Роберт Атанасовски






