„Досега е завршен еден многу важен дел од демократскиот процес, но сега започнува другата еднакво важна фаза, фазата на броење, администрирање и зачувување на интегритетот на глас. Затоа упатуваме повик до секој член на изборна комисија, секој набљудувач и секоја надлежна институција да ги зачува највисоките европски стандарди за конечниот резултат да ја одрази вистинската волја на граѓаните и реалноста на нивното слободно и демократско изјаснување“, истакна Арбер Адеми.
Тој истакна дека имаат само мал број забелешки на изборниот процес, за кои од НАИ ќе се обратат до институциите.
„Денеска над се победник е граѓанинот. Оној што верува во демократијата, учеството и европските вредности, бидејќи само преку слободниот глас се гради довербата, а само преку учество се гради иднината. Денешниот глас е тој што ќе ја одреди иднината на оваа земја, тој е нашиот политички и национален патоказ. Зашто единствениот пат напред за Северна Македонија е европскиот пат, патот на демократијата, еднаквоста и целосната интеграција на сите нејзини граѓани“, истакна Арбер Адеми.






