Тој потсети дека на вчерашниот ден на здравјето, го објавија ревизорскиот извештај на успешност во делот на она што значи ефективност, мерки и политики за дијагностицирање на малигните заболувања. За жал, рече тој, констатирале одредени состојби за што неминовно треба да се преземат мерки за подобрување на таквата состојба, во однос на рана детекција на малигните заболувања.
Ревизорскиот извештај имал сериозни забелешки во делот на начинот на постапување на инволвираните субјекти околу начинот на постапување на надлежните органи, во делот на донесување на стратешки документи, обезбедување потребни финансиски средства, извршување на скрининг.
„Имаме поразителни податоци во делот на опфатот на популацијата на нашата држава со скрининг, истовремено и поразителни податоци во број на денови на чекање на повратни информации. Во одредени периоди има чекање и повеќе од 60 дена, значи доцнат известувањата дека треба да се преземат мерки. Нашиот заклучок е, дека активностите се преземаат подпцна во втора, трета или четврта фаза од дијагностицирање на болест. Затоа имаме и поголема смртност од малигните заболувања“, појасни тој.
Како држава, додаде, треба да преземеме посериозни чекори, да обезбедиме порамномерна распространетост и достапност на таквите податоци, мора да имаме сериозен пристап во делот на создавање на потребни човечки ресурси, медицински персонал, вреднување на нивниот труд и користење на опрема.
„За жал и понатаму има констатација дека имаме набавено медицинска опрема што за жал не ја користиме. Да не зборувам за временскиот период за чекање во кабинетите за мамографија на дојка, каде што временскиот период на чекање од скринингот до одреден преглед, е некаде повеќе од 157 дена“, подвлече Ацевски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе биде објавен конечниот ревизорски извештај за стареењето на населението, во кој, како што подвлече, повторно има поразителни состојби за нашата држава.
„Констатираме дека населението енормно старее, имаме пад во млада популација. Имаме загрижувачки податоци во делот на работоспособното население, загрижувачки податоци во делот на сместувачки капацитети и нега на стари лица и слично, податоци што укажуваат на потреба од интензивни реформи во пензискиот систем, бидејќи од една страна имаме поголем број на корисници на пензија, а од друга, помал број на вработени“, истакна тој.
Најави уште неколку ревизорски извештаи, меѓу кои и за друштва што приредуваат игри на среќа каде државата е доминантен сопственик, имало сериозни забелешки на начинот на работење.
Во тек биле и две ревизии околу даноци и такси на локално и на државно ниво.
„За жал, нацрт извештајот на локално ниво има жалосни состојби, единиците на локална самоуправа воопшто не размислуваат што значи фискален напор и фискален капацитет, број на денови на наплата на побарувања и слично. Што е жалосно и во суштина значи дека единици на локална самоуправа се научени да чекаат само прилив од државата“, нагласи Ацевски.
Запрашан како ја толкува намерата на Владата да извезува минерали во САД, тој одговори дека на истиот начин како што ќе го протолкува извозот на мермер, еден од најдобрите во Европа.
„Имаме направено повеќе ревизии во делот на експлоатација на минерални суровини, државата треба да преземе мерки да обезбеди национална лабораторија за акредитација, каде што ќе врши испитувања. Издадовме ревизорски извештај во кој кажавме дека одреден правен субјект врши експлоатација надвор од експлоатационото подрачје. Не ги пријавува точните количини на материјали. Укажавме дека одредени рудници пријавуваат само експлоатација на основната суровина, не пријавуваат податоци за злато, сребро, никел и слично“, истакна тој.
Ацевски нагласи дека мора да се почитуваат стандардите за заштита на животната средина.
„Јас сум презадоволен од соработката со министерката за енергетика, бидејќи за прв пат, по издадениот ревизорски извештај, после неколку години, имаше храброст да ги промени тарифата за надоместок за концесија, висината на тарифата за извршената експлоатација и промени правилата и да раскине поголем број на концесиски договори, што концесионерите не ги почитуваа“, рече тој.
Запрашан дали со војните и зголемените цени очекува и полоши извештаи во однос на животната средина и минералите во следниот период, тој одговори дека сето тоа не смее да влијае врз животната средина.
Работилницата ја организира Државниот завод за ревизија, во соработка со меѓународната програма ОЕЦД – СИГМА.
Ацевски информира дека пред два дена излезе извештајот на Државната комисија за спречување на корупција во кој Државниот завод за ревизија по трет пат го освоил првото место во националниот систем за интегритет, во државата, како врховна ревизорска институција.
Сепак, предупреди дека веќе има и тенденција на вработени да го напуштаат Државниот завод за ревизија поради несоодветно вреднување.
МИА






