На првиот наставнички совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре биле донесени шест одлуки, меѓу кои и одлуката, на 6 февруари во гимназијата во Битола да се одржи првиот наставен час на современ македонски јазик.
„Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето, задачите и улогата на гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш по прв пат стиховите на Константин Миладинов ‘Т’га за југ’, ‘Бисера’, ‘Голапче’ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните“, се нагласува во монографија на гимназијата.
Редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки, а првата учебна година завршила на 20 јуни 1945 година. Битолската гимназија ги менувала имињата, па така во периодот од 1945 до 1952 година го носела името на Гоце Делчев, во периодот на Нижата гимназија која работела само една учебна година 1951-1952 и се викала Никола Карев, а од 1952 година и денес го носи името на Јосип Броз-Тито. Без разлика на временските периоди, во градот под Пелистер, најпозната е по името Горната Гимназија.
Денес, секој ден, во холот на гимназијата со гордост на мермерна плоча изложени се ликовите и имињата на пет народни херои, средношколци кои учеле во гимназијата, а тоа се Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди.
Учениците и наставниот кадар од секоја генерација со задоволство истакнуваат дека дел од нивната генерација биле ученици, а во животот станале академици, тогашните средношколци Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов, Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.






