Настанот се одржа во кружната сала на поранешната зграда на Комитетот и беше насочен кон унапредување на институционалната координација и подигнување на јавната свест за навремено пријавување и соодветно постапување во вакви случаи.

На трибината присуствуваа претставници од општината, советници, полициски службеници од Отсекот за превенција и криминалистичката полиција, претставници од Основното јавно обвинителство Куманово, од Центарот за социјални работи и од граѓански организации. Учесниците дискутираа за потребата од поефикасни механизми за заштита на жртвите, како и за законската одговорност и санкционирање на сторителите.
Според податоците на Полициската станица од општа надлежност Куманово, лани биле пријавени 15 кривични дела за загрозување на сигурноста и 73 за телесна повреда поврзани со семејно насилство, како и 191 поплака. Во 2024 година биле евидентирани девет случаи за загрозување на сигурноста, 107 за телесна повреда и 112 поплаки.
Во 2025 година, со соодветен поднесок биле реализирани 86 кривични дела од областа на семејното насилство, извршени од 90 сторители, од кои 80 мажи и 10 жени. Дел од сторителите биле под дејство на алкохол или наркотични супстанции, а кај поголем број биле констатирани психички или други видови растројства. Најчестиот начин на извршување бил со употреба на физичка сила или закана, додека во помал број случаи било употребено ладно или огнено оружје.

За споредба, во 2024 година биле реализирани 105 кривични дела од оваа област, извршени од исто толку сторители. И тогаш најголемиот дел од случаите биле поврзани со употреба на физичка сила или закана.
Организаторите на трибината упатија апел до сите лица кои се соочуваат со психичко или физичко насилство во семејството навремено да ги пријават случаите до надлежните институции. Целта е да се овозможи побрза и поефикасна заштита на жртвите и соодветно постапување кон сторителите, како и да се зајакне превентивниот пристап преку меѓуинституционална соработка и јавна едукација.






