петок, 5 декември 2025

80 години од основањето на ОН, почеток на ново поглавје во мултилатералната соработка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше на одбележувањето на Денот на Обединетите нации (UN Day 2025), што се одржала во Музејот на град Скопје под мотото „Building Our Future Together“, по повод 80 години од основањето на Обединетите нации.

Објавено на

часот

Сподели

На свечениот настан, кој беше организиран во соработка на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата, беше истакната важноста на мултилатерализмот и партнерството во решавањето на глобалните и регионалните предизвици.

Во своите обраќања, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа, заеднички ја потврдија посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН и кон продолжување на соработката во насока на зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.

Овогодинешното одбележување има за цел да ја потсети меѓународната заедница на потребата од зајакнување на меѓусебната доверба и солидарност, особено во време на бројни предизвици што го засегаат секој дел од светот.

Македонија ја реафирмира својата посветеност на принципите и вредностите на Повелбата на Обединетите нации, на унапредувањето на човековите права, одржливиот развој и мирот, како и на континуираното партнерство со системот на ОН во земјата.

„На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во мултилатерализмот, во меѓународното право и во едноставната вистина дека глобалните предизвици можат да се решаваат само заеднички,“ истакна министерот Муцунски.

Тој додаде дека државата останува максимално посветена на глобалните процеси и ќе продолжи да ги промовира клучните вредности на Обединетите нации и да биде доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели – унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста.

Министерот потсети дека темата на годинешното одбележување е „Промовирање на мирот, единството и глобалните партнерства“, при што упати признание до сите кои во светот несебично се залагаат за ширење на вредностите на Организацијата: оние кои работат за одржување на мирот и стабилноста, заштита на обесправените, борба против сиромаштијата, климатските промени и сите форми на дискриминација.

„Честитајќи го овој ден, уверувам дека остануваме посветен и доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на Обединетите нации,“ додаде Муцунски.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја поддржува мисијата и вредностите на Обединетите нации и верува дека преку солидарност, дијалог и заемна почит може да се обезбеди мирна и просперитетна иднина за сите – без никој да биде изоставен.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук посочува дека оваа значајна годишнина нека биде почеток на ново поглавје во мултилатералната соработка, втемелена на силни и реформирани ОН.

„Само ако останеме верни на основните приниципи на коишто почива Повелбата на светската организација, можеме да изградиме побезбедна, поправедна и поодржлива иднина за сите! #WeAreUN #UN80“, напиша претседателката Сиљановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ