Во Катлановска бања за време на војната во болницата биле згрижувани и лечени ранетите борци на ДАГ. Тука сѐ уште се чуваат коските на повеќе од 1.400 починати борци.
„Оваа година кога се навршуваат 76 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција и кога во виорот на воените дејства десетици илјади Македонци, од кои околу 28.000 деца и околу 40 илјади возрасни граѓани од Егејскиот дел на Македонија, беа принудени да ги напуштат родните огништа и се раселија насекаде по светот. Судбината некои од нив ги врати во Македонија, додека другите останаа распрснати во светот. Колку и да се кажат зборови за тагата, болката и незаборавот сепак не се доволни“, велат организаторите на оваа манифестација.
Пред споменикот ќе се одржи и пригодна културно-уметничка програма со песни за Егејот во изведба на Дарко Билбиловски, Виданка Ѓоргиевска, Дарко Aнгеловски, Ани Малинкова, Ристо Краповски, Нацка Славкова, Раде Младеновски, Серафина Фантаузо и Нина Николовска. Најмладите ќе прочитаат сопствени творби за судбините на нивните баби и дедовци.







