На средбата учествуваат гости од архивите на Турција, Албанија, Србија, Косово, Бугарија, Романија, Малта, Црна Гора, Босна и Херцеговина, од Архивскиот комитет на НАТО, ICARUS (International Centre for Archival Research) и од EURBICA (European Regional Branch).
На средбата се дискутира за трендовите – дигитализацијата и информациските системи, кои се клучни за архивите на 21 век во нивната мисија да чуваат и штитат документи и ретки архивски материјали.
Директорот на Државниот архив, Димитар Богески изјави дека архивите од другите земји се понапред од нас во процесот на дигитализација и информациски софтвери.
„Затоа и ги поканивме – да ги искористиме нивните знаења и можностите за некои нивни фондови, за да изработиме современ систем со кој ќе парираме во модерните текови. Веќе сме во фаза на анализа и во претстојниот период тоа ќе го презентираме пред Владата и ќе излеземе со конкретни мерки и чекори што нашата држава ќе треба да ги преземе за ние да бидеме во чекор со европските стандарди“, изјави Богески.
Додаде дека средбата со странските архиви е можност и да се возобнови соработката која била многу подинамична во минатото.
„Мракот што постоеше меѓу архивите во овие неколку години, сега се обидуваме да го отстраниме. Десетина години немаме испратено луѓе да истражуваат и десетина години немаме донесено архивски материјал од кој било друг архив. Правиме сè што е во наша моќ, преку овој наш јубилеј и преку новата енергија и дух што доаѓа во Архивот, тоа да го отстраниме и да продолжи соработката која била градена долго време во минатото, кога односот меѓу архивите бил многу добар и истражувањата меѓу нас беа на некое ниво. Сега сакаме првин да го вратиме тоа ниво што било порано и, дополнително, да го надградиме, со цел нашата држава да има сè повеќе документи што се во наша полза, што нè интересираат нас и јавноста“, истакна директорот на Државниот архив.
Како пример за многу добра соработка го посочи Османскиот архив од Истанбул, еден од најголемите архиви во светот, кој чува документи од пет века владеење на Империјата. На новинарско прашање Богески одговори дека во соработката со Архивот на Бугарија, нашиот архив нема проблем.
„Ниту тие со нас, ниту ние со нив. Истражувањата секаде во светот се отворени, граѓата е од јавен карактер. Никаде немаме забрани, ниту ние даваме некому забрани. Сè што сакаат да истражуваат луѓето – ние сме отворени“, изјави Богески.
Соработката со Архивот на Бугарија е послаба во изминатите четири години од претходно и претседателот на Архивот, Михаил Груев, изјави дека очекува таа повторно да заживее и оти затоа и присуствуваат на средбата во Скопје. Повеќе од 20 години двата архива имаат договор за соработка што резултирало, рече Груев, многу ефективно во изминатите години кога разменувале копии од документи, правеле заеднички изданија и изложби.
„Нема никакви пречки, нашите архиви се отоврени како и секогаш. Во последните години поради состојбите во заемните односи, нашите контакти се намалија, но јас се надевам дека по оваа средба ќе ги обновиме контактите и соработката со македонскиот Архив. Затоа што нас нè поврзува не само историјата, туку нè поврзуваат и многу топли, блиски, би рекол колегијални и пријателски чувства со колегите. Затоа сме и тука, да ја поздравиме нивната 75-годишнина и да си посакаме да ја возобновиме соработката што ја имавме во минатото“, изјави Груев.
Посочи дека во Архивот на Бугарија има многу документи, од кои голем дел во копии ги добиле нивните македонски колеги, затоа што смислата на соработката, рече, е во размената и е во интерес на науката.
„Имаме најразлични, огромно количество документи имаме од 19 и почетокот на 20 век, кои се поврзани со нашата заедничка историја“, додаде Груев.
На средбата на архивите учествува и претставник од Архивскиот комитет на НАТО (NATO Archives Committee), Николас Рош, каде што се чуваат материјали за Македонија уште од времето кога беше во составот на Југославија и документи поврзани со периодот кога Алијансата, како што рече, водеше разни мировни напори во балкански земји.

„И, се разбира, сè што е поврзано откако Македонија стана членка на НАТО. Имаме материјал поврзан со преговорите, дискусиите сите поврзани со НАТО. Во Архивскиот комитет се донесуваат одлуки поврзани со тоа како водиме евиденција, како архивираме и како ја спроведуваме јавната транспарентност поврзана со тие евиденции. И Македонија има место на таа маса и имаме многу плодни дискусии на тие теми со нашите колеги што се тука денеска. Една од нашите главни цели во Комитетот е да го објавиме материјалот. Навистина сакаме да се осигуриме дека историјата што ја имаме е достапна за пошироката јавност. Една од работите на кои работиме со нациите и со Македонија е да одлучиме на што ќе се фокусираме, на какви теми ќе одвоиме време да декласификуваме, да ги обработуваме, а потоа да ги објавуваме на веб-страниците, да организираме изложби. Тоа се работите на кои може да работиме заедно“, изјави Рош.
Во однос на интересот на посетители, директорот Богески посочи дека Државниот архив е отворен за сите љубопитни што сакаат да истражуваат и да дојдат до некој документ што ги интересира.
„Треба само да наведат кој фонд сакаат да го истражуваат и која тема и за не повеќе од еден ден, тој материјал им е достапен“, посочи Богески.
Најмногу посетители имаат од Институтот за национална историја и од Катедрата за историја на Филозофскиот факултет, кои доаѓаат за континуирани истражувања, како и студенти, претставници од амбасади во земјата и граѓани кои истражуваат заради некои нивни интереси. Како што рече, не знае од кои причини, но од новинарите има најмалку интерес за истражување во Државниот архив.
Архивот денеска го одбележа јубилејот и со уште еден настан – промоција на поштенска марка, која АД Пошта на Македонија ја отпечати во тираж од 6.000 примероци. Дизајнот на марката е на Јован Стојановски и има номинална вредност од 43 денари.
Директорот на поштенски операции во АД Пошта на Македонија, Бојан Кереместевски, на промоцијата истакна дека поштенската марка е симбол на она што го претставува Државниот архив – институција која е столб на македонскиот идентитет.
„Пошта на Македонија, која е чувар на традицијата, исто како и Архиот, ја има честа да испечати поштенска марка за 75-годишниот јубилеј на Архивот. Ова мало парче уметничко дело со извонредно значење е вистински амбасадор на Република Македонија затоа што преку поштенските марки ја афирмираме нашата култура, историја, нашата традиција. Денес промовираме вредност и затоа секогаш кога праќате писмо или пакет, праќајте ги со поштенски марки, зашто само на тој начин тие ќе живеат“, рече Кереместевски.
Државниот архив ќе го заокружи чествувањето на 75-годишнината со свечена академија, вечерва од 19 часот во Македонскиот народен театар. Архивиот е формиран на 1 април 1951 година со указ на тогашната влада.






