Од производствените хали на Брако во Велес, директно на улиците на Ријад – повеќе од 50 специјализирани возила GM636 се веќе испорачани и активно се користат за одржување на хигиената во главниот град на Саудиска Арабија.
Се работи за голема и комплексна испорака, во рамки на една од најобемните јавни програми за чистење во тој регион, каде што повеќе изведувачи беа ангажирани за чистење на различни делови од градот. 50 возила од брендот Грин машинс на Брако се вклучени во тој проект. За потребите на проектот во Ријад, тимот на Брако дополнително го зајакна моделот, прилагодувајќи го за работа во специфични климатски услови и за ефикасно справување со песочни наноси на улиците и јавните површини.
Фабриката во Велес очекува нови нарачки за возила за чистење за во други урбани центри во Саудиска Арабија.
БРАКО произведува 8 модели на возила Грин машинс: на водороден, електричен и класичен погон. Преку свои фирми ќерки во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Холандија и Германија и преку надворешна продажна мрежа, македонската врвна технологија за урбано чистење ја има на пазарите во повеќе од 50 земји.






