Еден од пациентите се лекуваше во Грција, а четворица во Шпанија. Тие беа пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Еден од нив пристигна од Атина, а четворица беа транспортирани од Мадрид. „Тие се вратија во добра здравствена состојба, по одличната медицинска грижа која ја добија во Шпанија и Грција, за што искрено изразуваме благодарност. Кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува целосно активен и продолжува да го координира процесот на репатријација на повредените пациенти, како и поддршката за нивните семејства“, се наведува во објавата.
Во текот на денешниот ден, според најавите на надлежните, се очекува во земјава да пристигнат уште пациенти кои беа испратени на лекување во странство по пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Вчера во земјава се врати и пациент кој беше лекуван во соседна Србија.
Како што информираше министерот за здравство Арбен Таравари, четворицата пациенти кои се лекуваат во странство се во критична состојба.