На одбележувањето на јубилејот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ претставува еден од клучните столбови во безбедносната структура на МВР, нагласувајќи дека оваа високоспецијализирана единица мора во секој момент да биде целосно подготвена – технички, професионално и човечки – за да одговори на најсложените задачи и операции.
„Тигрите“ се дел од најкомплексните активности на МВР и редовно учествуваат во акции против најтешките форми на криминал. Само во текот на 2025 година единицата реализирала 26 акции, обезбедувала десетици настани и спровела 13 заеднички вежби со сродни полициски и армиски структури од земјата и странство, меѓу кои и со елитните Зелени беретки.

Според податоците на Министерство за внатрешни работи, припадниците на „Тигар“ учествувале и на бројни меѓународни и домашни обуки и натпревари, при што постигнувале врвни резултати. Во рамки на спасувачките мисии во изминатата година тие успеале да спасат пет лица.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот беа доделени плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на единицата за 2025 година, како и признанија за 15 и 25 години служба и за соработници и пријатели на единицата. Беше прикажан и видео-преглед на активностите на „Тигар“ во текот на изминатата година.

Делегации од МВР, од Бирото за јавна безбедност, како и семејства на загинати припадници и други гости положија цвеќе пред спомен-обележјето на единицата, во чест на хероите кои ги загубиле животите извршувајќи ја должноста за заштита на државата и безбедноста на граѓаните.






