„Tоа е повеќе од емисија, тоа е некое културно наследство и тоа може да се обновува и да се појавува повторно и повторно. И, практично, луѓето го паметат, таа генерација што као деца гледале, сега пораснаа, сега станаа родители и гледаат некои можности во тоа да ги образуваат или да ги забавуваат своите деца. Јас со Бушава азбука остарев 40 години, тоа е сериозна старост за нешто на телевизија и не е така свежа и не е така модерна како што беше кога се појави“, вели Слободан Унковски, режисерот на „Бушава азбука“.
На настанот ќе се одржи и премиера на шпицата за новата анимирана серија „Буквождер“, кое е анимираното продолжение на „Бушава азбука“. За новата анимирана серија режисерот Унковски вели дека е преминување од еден мост, меѓу тоа што било и тоа што треба да биде и дека е практично еден друг аспект на буквите и на употребата на јазикот.
„Се радувам дека се појавува. Меѓутоа, мислам дека правото продложување на ‘Бушава азбука’ ќе биде кога ќе се направи ‘Бушав буквар’, вториот дел, што е веќе напишан од Горан Стефановски и од Маријан Алчевски. И очекувам еден ден да се развие една свест дека е тоа неопходно за да си го сочуваме јазикот и да го унапредиме“, порачува Унковски.
Преку прославата, организаторите потсетуваат на важноста од негување, чување и унапредување на мајчиниот јазик, како и создавање квалитетна образовно-забавна програма за новите генерации.






