среда, 4 февруари 2026

 4 Февруари – Светски ден за борба против ракот

Штедењето на превенција чини животи: само 10% од жените опфатени со скрининг за рак на грлото на матката.

 

Објавено на

часот

Сподели

Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест. Алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг биле опфатени само околу 10% од целната група жени, далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција.

По повод 4 Февруари – Светскиот ден за борба против ракот, кој годинава се одбележува под мотото „Обединети во нашата уникатност“, ја истакнуваме потребата здравствениот систем да ги стави луѓето и нивните реални потреби во центарот на здравствената заштита, со посебен фокус на жените и ранливите групи, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Анализите и искуствата од терен покажуваат дека превентивната здравствена заштита не е приоритет во здравствените политики. Буџетот за превентивни програми со години стагнира и не го следи растот на трошоците и инфлацијата – во 2025 година изнесуваше 672,5 милиони денари, а за 2026 година се планирани 677 милиони денари. Истовремено, за скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно, сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања.

Особено загрижува состојбата со скринингот за рак на грлото на матката. Програмата, воведена уште во 2012 година, располага со само 11 милиони денари годишно, што не овозможува соодветен опфат и квалитет. Недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери дополнително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција.

Додека повеќе земји од Европската Унија се приближуваат кон елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, кај нас ова заболување и понатаму одзема животи кои можат да се спасат. Ефикасен и соодветно финансиран скрининг, заедно со висок опфат со ХПВ вакцинација кај девојчињата и момчињата, се клучни мерки за спречување на овие поразителни статистики.

„Затоа, ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи.

Превенцијата спасува животи. Вложувањето во рана детекција не е трошок, туку инвестиција – и во здравјето на жените и ранливите групи, и во одржливоста на целиот здравствен систем“, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Работата на полето на унапредување на скринингот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот го спроведуваат партнерските организации  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ