„Акцијата била спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември и во текот на вчерашниот ден, на повеќе локации во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани, под раководство на јавен обвинител и со учество на полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР.
Според Обвинителството, сите 33 лица се осомничени за кривично дело „Злосторничко здружување“, при што: 7 лица се осомничени како помагачи или поттикнувачи за продолжено кривично дело злоупотреба на постапка за јавна набавка, 12 лица се товарат за продолжена злоупотреба на службена положба и овластување и 20 лица се осомничени како соизвршители за перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наводите во истрагата, во текот на 2023 година, тројца службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители и/или сопственици на две приватни компании, формирале организирана група со цел изигрување на постапките за јавни набавки.
Групата однапред изготвила техничка спецификација за набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлински станици“, со што, според Обвинителството, била наместена постапката за конкретни фирми.
На јавниот повик се пријавиле две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово. Компанијата од Куманово доставила нецелосна документација и повисока понуда, додека скопската фирма понудила цена речиси идентична со проценетата вредност на набавката, иако таа вредност не била јавно објавена.
Со тоа, било овозможено скопската фирма да го добие тендерот, со што се стекнала со противправна имотна корист од 472.470.407 денари со ДДВ, односно околу 7,68 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција на топлина.
По реализацијата на јавната набавка, во периодот од 2023 до 2025 година, осомничените, со цел прикривање на потеклото на средствата, пуштиле во оптек, примиле и пренеле 125.556.930 денари, односно околу 2,04 милиони евра, со што, според Обвинителството, го оствариле кривичното дело перење пари.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот кривичен суд Скопје прифатил мерки, односно 7 лица добија притвор, за 6 лица се изречени мерки за обезбедување присуство во постапката. Обвинителството најавува продолжување на истрагата и дополнителни дејствија во предметот.






