четврток, 22 јануари 2026

30 дена притвор за осум осомничени во случајот на ОЈО ГОКК за даночни малверзации

Заврши распитот на осум приведени лица поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи (УЈП), а по нивно произнесување, како и ценење на фактите и доказите, прифатен е предлогот и на сите им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти попладнево Основниот кривичен суд Скопје.

 

Објавено на

часот

Сподели

Во образложението на одлуката на судот, се наведува дека притворот на осумтемина осомничени за даночни малверзации им е изречен поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност да го довршат или да го повторат кривичното дело.

Претходно, Основниот кривичен суд Скопје, го прифати предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), за определување мерки за претпазливост против 10 лица, од кои девет беа спроведени пред судија на претходна постапка, а по нивно произнесување, судијата на сите им определил мерки на претпазливост, односно одземање на патна исправа, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за извршување одредени работни активности.

Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеле претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се уапсени, информираа претпладнево од ОЈО ГОКК.

Како што информираа од ОЈО ГОКК, акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на Обвинителството и Управата за финансиско разузнавање (УФР), по известување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), при што биле обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отворило предмет и донело наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ