понеделник, 15 декември 2025
Најголемата здравствена установа во Скопје соочена со проблеми во функционирањето

200 вработени во Клиничкиот центар излегуваат на протест, не им се исплатени ветените покачувања

Околу 200 административно-технички вработени во Заедничките служби на Клиничкиот центар – Скопје се доведени на работ на егзистенција и најавуваат протест поради, како што велат, континуирана дискриминација, непочитување на законските права и игнорирање од надлежните институции. Протестот, според најавите на засегнатите вработени, ќе се одржува секој ден од 10:30 до 11:00 часот во хелиодромот на Клиничкиот центар и ќе трае се додека надлежните не наидат на разбирање дека правата на овие вработени кои се клучни во здравствениот систем треба да бидат остварени.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за вработени во клучни служби без кои секојдневното функционирање на Клиничкиот центар е невозможно, централна стерилизација, клиничка аптека, котлара, кисикана, обезбедување и други. Иако не се медицински персонал, нивната работа е директно поврзана со здравствената услуга што секојдневно им се испорачува на илјадници пациенти.

„Од 2023 година до денес немаме добиено никакво покачување, ниту израмнување на платите со останатиот персонал во Клиничкиот центар“, алармираат од синдикалниот огранок на вработените во Заеднички служби.

„Дополнително, платата што ја заработуваме ја добиваме со задоцнување, поради блокирана сметка на институцијата од минати долгови, за кои ние не сносиме вина.“

И покрај повеќекратните усни ветувања од раководството и институциите, досега не е направен никаков конкретен чекор за решавање на состојбата. Главниот синдикат при ССКЦ води разговори со директорот на установата, но досега – без резултат.

„Ги исполнуваме сите обврски како вработени, а од институцијата сме третирани како граѓани од втор ред. Оваа неправда мора да престане. Ако сме важни за системот, тогаш мора да се признае и вреднува нашата работа“, порачуваат од синдикатот.

Како предупредување, вработените ќе одржат најава за протест за време на паузата од работното време, со цел да го привлечат вниманието на јавноста и на одговорните институции. Тие бараат итно потпишување на Анекс на колективниот договор, со кој би се регулирале платите и би се укинал дискриминаторскиот однос кон немедицинскиот персонал.

Вработените предупредуваат дека зголемениот број на боледувања, како и најавите за напуштање на работните места, се директна последица на состојбата во која се наоѓаат. Веќе се соочуваат со недостиг на стручен кадар, што дополнително ја влошува работната атмосфера и го загрозува нормалното функционирање на Клиничкиот центар.

„Се надеваме дека институциите конечно ќе го препознаат нашиот проблем и ќе стават крај на оваа неправда. Ние не бараме милост, туку правда, фер третман и почитување на законот“, порачуваат организаторите на протестот.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ