понеделник, 29 декември 2025

11 години затвор за Фатон Љури кој прегази пешак на кејот на Вардар

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече казна затвор во траење од 11 години на 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор кавасаки по пешачка патека на кејот на Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.

Објавено на

часот

Сподели

Покрај затворската казна, на обвинетиот му е изречена и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.

Судот го прогласи Љури за виновен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според пресудата, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци, со брзина од 35 километри на час. Притоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Југослав Николовски, кој како последица од тешките повреди на черепот и мозокот подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска нагласи дека делото е сторено со евентуална умисла, бидејќи обвинетиот бил свесен дека со движењето по пешачка патека ги крши сообраќајните прописи и може да предизвика штетни последици.

„Како олеснителни и отежнителни околности, согласно Кривичниот законик, се ценат степенот на кривичната одговорност, јачината на повредата или загрозувањето на заштитеното добро, околностите под кои е сторено делото, однесувањето на сторителот пред и по извршувањето на делото, неговиот поранешен живот, личните прилики и други околности што се однесуваат на неговата личност. Отежнителни околности се и оние што на делото му даваат потежок облик“, наведе судијката Марковска.

При одмерување на висината на казната, Судот дополнително го оценил интензитетот на дејствието и прекршувањето на законските забрани, посочувајќи дека умислата ја засилува противправноста. Земени биле предвид и исказите на семејството на починатиот за трајната загуба и нарушениот семеен живот.

Во изречената казна затвор на обвинетиот му се пресметува и времето поминато во притвор, а истиот се задолжува да ги плати и трошоците на судската постапка. До правосилноста на пресудата, Судот му ја продолжи мерката притвор на Љури. Против оваа првостепена пресуда дозволена е жалба во рок од 15 дена до Апелацискиот суд Скопје. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ