четврток, 9 јануари 2025
Ангел Наков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Мaкедонија – врвна туристичка зимска дестинација

На први јануари, во Михајлово, Општина Кавадарци, се отвори скијалиштето Михајлово. После инвестицијата за скицентарот Кожуф и изградбата на шестоседната жичара на Попова Шапка, оваа е прва инвестиција во скијањето во Македонија после 50 години.

Митко Јанчев се одлучи на овој одважен чекор со желба граѓаните, а најмногу децата и младите да ги врати во прекрасната природа на планината Кожуф. Илјадници и илјадници деца во наредните години ќе ја заменат виртуалната реалност на Тик-ток, Инстаграм и Фејсбук со паткоаз кој ги води  кон игра, рекреирање, спорт, односно радост, среќа и здравје. Овој проект треба  да го добие епитетот на најхуман проект во 2024 година.

Историја

Огромниот потенцијал и компаративните предности кои ги има Македонија со своите планини, први ги препознаа македонските визионери, кои во почетокот на шеесетите години од минатиот век ги изградија скицентрите Попова Шапка и Маврово. Овие центри во тоа време беа на ниво на водечките ски центри во Европа. За жал после 1975 година во македонските скицентри не се вложи ниту едно евро и овие центри се претворија во музејски експонат на скијањето од минатиот век.

Првата голема инвестиција во скијањето се случи во 2006 година со почетокот на изградбата на скицентарот Кожуф. Проект кој беше 100% гринфилд инвестиција и во него се вложија 19 милиони евра во урбанизација на  земјиштето, изградба на далеководи, сообрќајници, комунална инфраструктура (водовод, канализација, електрификација). Беа изградени 19 км скијачки патеки со првата шестоседна жичара на Балканот, два скилифта, систем за технички снег со пумпна станица и топови, нови ратраци, 70 стручни работници. Потенцијалот на овој центар го препозна и Владата и во 2009 година се започна со изградба на регионалниот пат од Смрдлива вода до скицентарот Кожуф во должина од 17 км, со вредност од 9 милиони евра.

Во 2016 година државата почна со изградбата на шестоседната жичара на Попова Шапка, која се пушти во работа после неколку години.

Во периодот 2011 – 2015 година државата пристапи кон изработка на физибилити студија за Попова Шапка и проекти за скијалишта на Водно, Плачковица, Голак, Берово и набавка на системи за технички снег за Крушево и Пониква.

Македонија има богата историја кога е во прашање планинскиот туризам, а посебно зимскиот, што претставува основа за изработка на стратегија за развој на оваа стопанска гранка.

Потенцијал и можности

Македонските граѓани треба да знаат дека Македонија ги има сите предуслови да се претвори во водечка зимска туристичка дестинација во Европа, разбирливо после ски центрите на Алпите.

За споредба, сите ски центри на Балканот, заедно имаат скијачки терени со површина од 4.150 хектари. Само Кожуф и Попова Шапка имаат скијачки терени со површина од 4.300 хектари.

За скијачите кои одат на скијање во овие центри да напоменам дека скијачките терени на  Копаоник се со површина од 1.100 хектари, а на Банско со 460 хектари . Попова Шапка е со површина од 2.000, а Кожуф  со 2.300 хектари (терени кои се опфатени со урбанистички план и  на кои е можно да се изградат ски патеки).

Кожуф и Попова Шапка ги имаат сите предуслови за брз и ефикасен рестарт во период од една година, а во период од три години да бидат на ниво на скицентри кои ќе може да примат 2 милиони скијачи во една скијачка сезона. Дека оваа бројка не е претерана може да се види од податоците за продажба на ски карти на постојните балкански ски центри во сезоната 2023/2024 година. Банско е лидер со продадени 920.000 ски карти, потоа следува Копаоник со 780.000 ски карти, Парнасос со 470.000 ски карти, Боровец 280.000 ски карти, Јахорина 180.000 ски карти, Колашин 130.000 ски карти. Ако се земе просечната цена на ски картата од 42 евра, приходот само од продадени ски карти во балканските скицентри во сезоната 2023/2024 година изнесуваше 153 милиони евра.

Кожуф и Попова Шапка за разлика од постојните балкански скицентри нудат извонредни ски терени за сите категории на скијачи, почнувајќи од деца почетници, па сѐ до врвни и професионални скијачи. Покрај хомологираните патеки за слалом и велеслалом кои ги има на Попова Шапка и на Кожуф, Попова Шапка има и патека за спуст, а Кожуф патека за спуст за жени.

Покрај одличните терени и Попова Шапка и Кожуф се богати со вода. Тоа значи дека го имаат првиот предуслов за изградба на врвен скијачки центар, а тоа е доволно вода за производство на технички снег за покривање на сите ски патеки. Понуда на врвно припремени патеки без технички снег е невозможна. Светски стандард е дека скијачките патеки треба да имаат минимална подлога од технички снег  од 30-40 цм. На Кожуф дел од тој систем е изграден, а за Попова Шапка има проект.

Во изминатиот период се изработени и студии за можностите за изградба на скицентри и на планините Јабланица, Пелистер и Осогово. На овие студии треба да се изврши ревизија и да се адаптираат на генералната стратегија на државата во однос на развој на планинскиот туризам и реланите можности за нивна изградба.

Караџица и Јакупица се локации за кои треба да се направат студии и да се утврдат прво природните, а потоа и финансиските услови за изградба на скицентар.

Покрај одличните природни услови и конфигурацијата на теренот, Македонија е одлично поврзана со патна и аеродромска инфраструктура, што е уште една огромна компаративна предност во однос на другите ски центри. Скопскиот, охридскиот и аеродромот во Солун се одлична врска за сите потенцијални странски скијачи.

Попова Шапка е одалечена само 24 км од автопатот Скопје-Тетово, а Кожуф само 37 км од автопатот Скопје-Солун. Тоа значи дека во периметар од 4 часа возење до овие центри гравитира вкупно население од  30 милиони жители, со најмалку 1 милион скијачи или сноубордери. Тоа е огромен регионален пазар кој во иднина само ќе се зголемува.

Многу е важно да се напомне дека  за изградба, развој и оперирање на овие планински центри, во Македонија има доволно стручни и професионални работници.

Македонија ги има сите предуслови да стане врвна туристичка планинска дестинација за релативно краток период. Тоа би овозможило туризмот да стане гранка која во БДП би учествувал со најмалку 7 %, со илјадници нови директни работни места, развој на уште триесетина други стопански гранки и девизен прилив од над 300 милиони евра на годишно ниво.

Кој не верува нека погледне што напорави Андора со планинскиот туризам, или нека не оди подалеку од едно Банско, Копаоник, Јахорина, Колашин, Парнасос….

ПС:  Што треба да направиме оваа да се случи, во наредната колумна.

 Ангел Наков

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Буквата „Љ“ и граѓанинот О

Кристина Пота Радуловиќ

Осаменост и блискост – дали и што зависи од мене?

Соња Стојадиновиќ

Лицемерието на Западот во однос на Украина

Ристо Цицонков

Греење со топлински пумпи: нема согорување на гориво

Рајко Пеколски

Земја

Светлана Јовановска

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ