вторник, 18 март 2025
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

 Македонија: Време е за нулта толеранција за митото и корупцијата!

Во последните 30 години, Македонија помина низ многу трагедии и предизвици, а еден од главните проблеми е што политиката стана засолниште за луѓе без знаење, искуство и интегритет, како резултат на безобзирната партизиција на државата.

Партиските војници на високи државни позиции, ем што се некадарни, и кои на позиција доаѓаа голи и боси, станаа главни рекетари на граѓаните. Мито во свое име и во име на партијата беше главен двигател на нивните активности. Се завршуваше со „платете и ќе добиете“. И затоа дојдовме до ова дереџе на кое сме. Пред очи и преку ноќ довчерашните партиски слуги ни станаa нова покондурена елита која глуми џетсетерство. А народот за секоја услуга од државните или локалните органи мораше или да бара врска или да си даде мито.

Од првите денови на самостојноста на нашата држава постојано велам дека државата треба да ја водат чесни, способни и искусни функционери, кои знаат што значи одговорност и служење на народот. Затоа време е да се стави крај на луѓето со лични и други интереси во политиката. Нам ни требаат функционери и високи државни функционери што ќе работат за Македонија, а не за себе!

За подобрување на состојбата потребни се конкретни чекори за промена и тоа:

  • Бескомпромисно справување со криминалот и корупцијата.
  • Кривична и материјална одговорност на сите сторители на кривични дела без разлика на нивната партиска или етничка припадност.
  • Потребно е да се воведат строги критериуми за избор на државни функционери, вклучувајќи квалификации, досие за интегритет и транспарентност во работењето.
  • Департизација, професионализација, доедукација и засилување на независноста на институциите кои се одговорни за спроведување на владеење на правото, како што се судството и обвинителството.
  • Поддршка за граѓанските иницијативи и активни групи кои се борат против корупцијата и кои работат за добробит на општеството.

Имаме бројни примери на успешни држави кои постигнале прогрес во намалување на корупцијата и ја подигнале на повиско ниво политичката одговорност. Сингапур е одличен пример за тоа како силната антикорупциска политика, како и строгите закони за владеење на правото, може да доведат до значително подобрување на јавните институции. Владите на Данска и Шведска, покажаа дека транспарентноста и етичкото раководење резултираат со ниско нивоа на корупција и висока доверба на граѓаните.

Да не чекаме некој друг да го направи првиот чекор. Секој од нас може да придонесе за изградба на Македонија каква што ја заслужуваме – земја во која интересите на граѓаните ќе бидат пред личните и партиските. За да се постигне ова, потребно е да се излезе од рамките на стереотипите и да се стави крај на досегашните практики.

Време е за нов почеток и одговорност. Време е за почеток на Нулта-корупција (Нулта толеранција за митото и корупцијата). Потребно е сите да се сплотиме и да ја поддржиме најавената бескомпромисна акција за расчистување со криминалот и корупцијата, но и професионализација и департизација на државните институции.

#Промена #Македонија #Антикорупција #Реформи #ОдговорниФункционери #ВладеењеНаПравото #Транспарентност

Проф д-р Јoве Кекеновски

КОЛУМНИ

Жидас Даскаловски

Сузбивање на клиентелизмот е прва и најважна цел, веднаш!

Билјана Ванковска

Профитот и корупцијата убиваат – насекаде!

Албанија испишува историја со можноста за гласање на дијаспората

Јанис Варуфакис

Аргументите против повторното вооружување на Европа

Ристо Цицонков

Стратегија за енергетски развој – да се подготви и да се...

Љубомир Николовски

Кога сѐ ќе појде наопаку

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ