Малку фалеше Македонија да дојде и до седмата победа по ред, Велс со гол на Брукс во 96. минута спречи да се израдуваме на три бода. Претходно нашата репрезентација поведе со гол на Миовски во 91. минута.
На Националната арена „Тодор Проески“ дојдоа голем број навивачи кои дадоа поддршка на Македонија но со купениот билет донираа и за настраданите во големата несреќа во Кочани. Целиот приход од билетите од овој натпревар ќе биде донација за настраданите.
Натпреварот започна со минута молк за жртвите од Кочани.
Во првото полувреме Македонија играше дефанзивно, Велс беше селекцијата која имаше посед на топката и со шутеви од далечина се обидуваа да го загрозат Димитриевски, но тој беше на висина на задачата.
Првиот дел мина во тактичка игра која не убава за око, поголеми возбудувања имаше во вториот дел.
Во 59. минута публиката стана и со минута аплауз даде сочувство за 59. жртви во пожарот кој се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија почна поотворено да игра по 60. минута, иако продолживме да бидеме претпазливи и не се залетуавме кон противничкиот гол.
Првата шанса ја имавме во 65. минута кога нововлезениот Чурлинов биеше силно, но голманот Дарлоу го одбрани неговиот удар.
Шест минути подоцна Велс имаше голема шанса да дојде во водство, Муслиу ја исфрли топката од гол линијата.
Во судиското продолжение фудбалерите на Велс направија катастрофална грешка, вратија една топка која дојде до Миовски, а тој ја смести во мрежата на противникот за огромна радост и водство на Македонија од 1-0.
Сите помисливме дека победата е наша, но така не мислеше и Велс. Тие со гол на Брукс во 96. минута го израмнија резултатот. Димоски интервенираше лошо, ја промаши топката која по долго време влезе во мрежата на Димитриевски.
Може да жалиме што не дојдовме до трите бода, овој резултат може да биде многу важен во битката за втората позиција.