недела, 21 април 2024
Дебата за новите правила на ОЕЦД

Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 отсто

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ) ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава кои ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат. Државава сѐ уште не е  прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

За членките на Советот денеска во Стопанската комора се одржа презентација за фектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Македонија, во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс.

Претседателот на Советот на странски инветитори Виктор Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози што ќе се изнесат пред креаторите на политиките по изборите за прилоагодувањето кон оваа новина.

„Како Совет на странски инвеститори заедно со Прајсвотерхаус куперс организираме разговор како глобалниот минимален данок  од 15 проценти кој беше донесен  на иницијатива на ОЕЦД а државава го прифати пред две години ќе има влијание врз големите мултинационални компании кои работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како тоа ќе влијае на нашите работења но истовремено и врз оданочувањето, како на локално, така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите“, изјави Мизо.

Советот уште минатата година ја покренал оваа дискусија со економскиот тим на Владата и како што рече Мизо, иако тогаш им било кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава  данокот е воведен на глобално ниво.

„За голем број компании без разлика дали работат во или не во технолошко индустриските развојни зони, дали  добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае.  Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и од Европа, пред сѐ“, рече Мизо.

Иако државава сѐ уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако ништо не се смени ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании зависно од тоа дали тие добиваат или не државна помош. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање на 15 проценти или разликата помеѓу ефективниот данок кој се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании коишто работат кај нас во зоните да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенифиците би требало да се адаптираат.

„Истовремено ние како индивидуални компании да размислиме како треба да се поставиме, но и да дадеме некои препораки или идеи кон државата на кој начин потенцијално тие даночни политики, но истовремено сите политики поврзани со бенефиции би требало да се адаптираат за да има една неутралност и кон компаниите, но истовремено и за државата, бидејќи даночен одлив од државата исто така не е нешто што е позитивно за никого“, укажа Мизо.

Мирослав Мирчев од ПрајсвотерсхаусКуперс за Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена

„Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето“, рече Мирчев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ