сабота, 27 јули 2024
Девет години потоа

Македонија се сеќава на осумте загинати полицајци во Диво Насеље

Денеска се навршуваат девет години од оружената престрелка што се случи во кумановската населба позната како Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015, во која загинаа осум припадници на безбедносните сили.

Објавено на

часот

Сподели

Во 28-часовните престрелки животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа ранети.

Минатата година беше откриена спомен-плоча во кругот на СВР Куманово на полициските службеници што го положија животот во антитерористичката акција во Диво Насеље во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Претходно, припадниците на безбедносните сили што учествуваа во оружената престрелка добија и мурал „Хероите живеат вечно“.

Куманово два дена живееше во страв и неизвесност. Престрелките почнаа во раните утрински часови. Кумановци слушаа надлетувања на хеликоптер. Затворени беа улиците, затворен беше дел од градот, речиси целата населба Тоде Мендол. Фабриките во тој дел од градот не работеа.

Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица Тоде Мендол од булеварот Трета македонска ударна бригада беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од кумановчани беа евакуирани кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите.

Граѓаните на Куманово велат дека настаните не треба да се заборават и никогаш да не се повторат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ