четврток, 26 декември 2024

Македонија се откажа од амбициите за нуклеарни технологии ?!

Информацијата дека по 14 години се укинува Националната агенција за нуклеарни технологии изненади многумина од тие што ја прочитаа, најмногу поради тоа што и во научните кругови во Македонија речиси и да немаа сознанија за нејзиното постоење.

Објавено на

часот

Сподели

Предлогот за нејзиното укинување веќе е влезен во собраниска процедура и членовите на собраниската комисија за образование, наука и спорт дадоа поддршка за предлог-законот за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија. Нема поднесено дури ниту еден амандман за овој предлог-закон со кој треба да се укине агенцијата.

После 14 години е увидено дека е сосема непотребно постоењето на оваа агенција. Законот за формирање на национална агенција за нуклеарна технологија беше донесен во 2010 година на предлог на тогашниот министер за образование Никола Тодоров.

Идејата при формирањето на оваа агенција била развој на технологии и истражувања од областа на нуклеарната физика, физиката на елементарните честички и други истражувања од областа на нуклеарната наука. Целта беше преку агенцијата да се учествува во научните програми на Европската организација за нуклеарни истражувања ЦЕРН, учество на научници, инженери, техничари и друг стручен кадар од Република Македонија во истражувачките проекти на ЦЕРН, развивање апликации за индустријата, развивање медицински апликации, развивање апликации од областа на енергетиката, изработка на проекти за примена на нуклеарни апликации за мирновременски цели, едукативни активности во областа на нуклеарната наука и технологија, и во други сродни области, соработка со домашни и странски институции и организации од областа на нуклеарните технологии… Секоја година во буџетот беа определувани средства за работа на оваа агенција кои биле користени за хонорарите на членовите на управниот одбор.

Поранешниот министер на неколку позиции во македонските влади, Никола Тодоров, кој и го поднел предлогот на законот за формирање на агенцијата за нуклеарни технологии, се сеќава дека таа била формирана во научни цели, со идеја да им се овозможи македонските научници од областа на нуклеарната физика да вршат истражувања во ЦЕРН, во Швајцарија.

„Агенција за нуклеарни истражувања беше формирана, најмногу по иницијатива на научникот Златко Дамчевски, кој и самиот работеше во ЦЕРН, со идеја македонските научници да имаат пристап и самите да работат на истражувања во ЦЕРН, Швајцарија. И навистина отидоа неколку научници во првите години. Од прилика во тоа време се појави и некоја идеја за изградба на нуклеарна централа во Македонија, па во целиот тој контекст на амбиции во насока на развој во сферата на нуклеарната енергија, беше формирана и таа агенција. Но реално, не се направи исчекор во однос на изградба на нуклеарна централа, а и немаме некои други проекти од таков вид, па се чини дека згасна и потребата и интересот за истражувања на нашите научници во ЦЕРН. Во меѓувремето од овие 14 години, се појавија и други успешни институти во светот што работат на истражувања на полето на нуклеарната физика, па ЦЕРН и не толку доминантен , како во тоа време. Инаку, за таа агенција беа планирани сосема минимални средства од буџетот“, вели Никола Тодоров.

Укинувањето на една државна агенција, планирана за поддршка на развојот на науката во Македонија, ( иако речиси било заборавено нејзиното постоење), на одреден начин создава поразителен сигнал за интересот на државата за науката. Деканот на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, Александар Скепаровски, чијашто научна специјалност е физиката, смета од рационален аспект, логично е укинувањето на Агенцијата за нуклеарни технологии, ако не профункционирала за 14 години и ако дури и научниот круг во земјата не знаел за нејзиното постоење. Скепаровски, претпоставува дека нејзиното формирање било поврзано со идејата за македонските научници од областа на нуклеарната физика ( колку и да е ограничена таа бројка) да вршат истражувања во ЦЕРН.

„Претпоставувам дека формирањето на таа агенција е поврзано со иницијативата на Златко Дамчевски за македонските научници кои работат на физиката на висока енергија и елементарните честички  да можат да работат во ЦЕРН. Но за да биде функционална една таква агенција, не е доволно да се темели само на желбата и идејата на еден човек. Потребни се програма и проект, да се направи акциски план, вмрежување… Освен тоа, пристапот до ЦЕРН, би бил поврзан и со некаква годишна членарина, која се движи од 150.000 до 500.000 евра.  Реално, во Македонија имаме двајца научници кои работат на полето на нуклеарната физика, од кој едниот мислам дека веќе е и во пензија. Кога се правела агенцијата, веројатно се мислело на тоа да се создадат и нови кадри. Навистина, од нашиот факултет произлезегоа неколку успешни студенти, кои студиите од областа на физиката ги завршија во Македонија, но постдипломските студии и понатамошното научно надградивање го продолжија во странство. Освен ЦЕРН во Швајцарија и Дубна во Русија, веќе постојат и други центри во Европа, кои работат истражувања во областа на физиката на висока енергија и елементарните честички, како Манчестер во Англија, а има и во Шпанија. Други такви силни центри се во Кина и во Америка“, вели Александар Скепаровски.

Во контекст на укинувањето на Агенцијата за нуклеарни технологии, деканот на ПМФ смета дека тоа е поврзано и со фактот што не е изреализирана идејата за нуклеарна централа во Македонија.

„Од професионален аспект, разбирливо е што оние студенти од Макеоднија што ја избрале нуклеарната физика за свој професионален интерес, продолжуваат научно да се надградуваат и да работат во странство. Кај нас не постои нуклеарна индустрија и единствена перспектива им е да бидат професори по физика. Тоа што не се реализираше идејата за нуклеарна централа во Македонија, поради која веројатно била и формирана Агенцијата за нукларни технологии, ја укинува и смислата за нејзиното постоење“, размислува деканот на ДПФ, Александар Скепаровски.

Од друга страна, укинувањето на Агенцијата за нуклеарни технологии, го отвора прашањето дали Макеоднија како држава е подготвена да инвестира во сопствени научни капацитети, а посредно и во самостоен економски развој. Академикот Љупчо Коцарев, поранешниот претседател на МАНУ, проценува дека дури во буџетот за 2026 година научниците може да се надеваат на повеќе средства за научни истражувања.

„Во буџетот за 2025 година не очекувам некој драстичен отскок во инвестиции за науката, зашто претпоставувам дека има ‘поургентни’ општествени состојби за санирање новата влада.  Во МАНУ нема да има нови вработувања, а имаме потреба од подновување на научниот кадар. Се надевам дека во буџетот за 2026 година ќе се размислува и ќе има простор за развојот на науката во Македонија“, вели академик Коцарев.

 Јасминка Павловска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ