сабота, 27 јули 2024

Македонија против Швајцарија го завршува настапот на Европското првенство

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го има последниот настап на Европското првенство, противник ни е селекцијата на Швајцарија.

Објавено на

часот

Сподели

По двата убедливи порази од силните селекции на Франција и Германија, Македонија денеска ќе се сретне со противник кој не е дел од ракометниот крем, но е квалитетен.

Швајцарија во двата натпревари на ова Европско првенство покажа две лица, доживеа дебакл од Германија, па одигра извонреден меч против Франција и освои бода.

Швајцарците ќе бидат фаворити во дуелот со Македонија, но ако со некој можеме да се носиме од нашата група, тоа се токму тие. Репрезентативниот ракомет во Швајцарија е во подем, па ќе ни биде потребен перфектен меч за да се простиме со победа од Европското првенство.

Македонија е убедлив лидер во бројот на технички грешки на ова Европско првенство, за да се надеваме на позитивен исход од денешниот меч, неминовно ќе биде да ја подобриме таа негативна статистика.

„Нè очекува тежок натпревар со квалитетен противник. Сепак, ако имаме некакви шанси против некого, тогаш тоа е Швајцарија. Свесни сме и им ја препуштаме фаворитската улога, но ние ќе дадеме сè од себе. Имаме многу работи за корегирање. Ако во нешто сме први, тогаш тоа е бројот на технички грешки, но ќе се обидеме да ги намалиме. Колку помалку грешки направиме на поставена одбрана, мислам дека ќе имаме поголеми шанси за подобар резултат“, вели селекторот Кире Лазаров.

Овој натпревар не е без резултатско значење, тој има влијание за баражот за пласман на Светското првенство 2025. Исходот ќе влијае на тоа дали ќе се најдеме во првиот или во вториот шешир во ждрепката, што не е мала работа.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија почнува од 18 часот, се игра во „Мерцедес-Бенз Арена“ во Берлин.

Од Берлин за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ