Време е за почеток на нов квалификациски циклус, старт на нова надеж дека можеме да стигнеме до ново големо натпреварување. Почнуваме со најслабиот, но во најмалку посакуван период, во денови на жалост кога цела Македонија е облеана со тага.
Македонија е голем фаворит против Лихтенштајн, тоа е селекцијата против која ја имаме остварено највисоката победа во историјата, триумф од 11-1, но сега фудбалот е поинаков, вакви резултати веќе не се гледаат. Но, тоа е најмалку важно, најважни се трите бода од овој натпревар.
Атмосферата во македонската репрезентација е тешка, мачна како и во целата држава по ужасната несреќа која се случи во Кочани. Македонија е во денови на жалост, но фудбалерите мора да ја одработат својата обврска.
Во чест на жртвите од несреќата, македонските фудбалери денеска ќе настапат во црната варијанта на дресови.
Лихтенштајн ни е стар пациент, со нив досега имаме одиграно 11 натпревари, сме победиле на десет од нив, еден меч завршил нерешено. Гол разликата е 42-5 во наша полза.
Македонија во денешниот меч ќе влезе со рекордна серија од пет победи и тоа без примен гол. Столе Димитриевски веќе го држи рекордот за најдолг период со зачувана мрежа, па нека продолжи да ги зголемува минутите и во Вадуц.
Победата денеска е императив за старт со три бода, но и за зголемување на самодовербата пред мечот со Велс кој го играме во вторник во Скопје.