сабота, 27 јули 2024

Македонија против Франција го отвора ЕП, ќе играме пред повеќе од 50.000 гледачи

Македонската ракометна репрезентација денеска го почнува своето осмо учество на Европските првенства, овојпат ќе биде посебно бидејќи натпреварите од првото коло се играат на фудбалски стадион.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска започнува Европското првенство во ракомет кое се одржува во Германија. Македонија ја имаше среќата да се падне во група заедно со домаќинот, па ќе бидеме дел од создавањето на историја.

Организаторот побара, а ЕХФ прифати првото коло од нашата група да се игра на фудбалскиот стадион во Диселдорф, „Меркур Шпил-Арена“ кој е трансформиран во ракометна арена.

Мечот меѓу Македонија и Франција кој ќе почне од 18 часот, ќе биде првиот ракометен натпревар кој се играл на фудбалски стадион на Европските првенства. Ќе биде урнат и рекордот по број на гледачи на ракометен меч, се очекува преку 50.000 навивачи денеска да бидат присутни во арената.

Македонија доби тежок прв противник, селекцијата на Франција, која според букмејкерите е втор фаворит за освојување на европското злато, прва е Данска.

Французите се апсолутни фаворити на вечерашниот меч против Македонија, селекторот Лазаров се надева дека неговите ракометари ќе го покажат најдоброто од себе.

„Имаме голема чест да бидеме дел од историскиот меч и да настапиме пред 55.000 навивачи. Тоа е одлично и сите со нетрпение го очекуваме почетокот на натпреварот против Франција. Ова е голема сцена и огромно искуство за целата репрезентација. Со ракометарите работевме на физичката и менталната подготовка, па се надевам дека ќе го прикажеме најдоброто од себе“, вели Лазаров.

Македонија и Франција досега одиграле четири меѓусебни натпревари, Французите секогаш победувале (30-20, 27-25, 35-24, 30-23).

Покрај Франција, во нашата група се уште и селекциите на домаќинот Германија и на Швајцарија.

По денешните два натпревари од првото коло, нашата група се сели во Берлин каде ќе се одиграат преостанатите две кола.

Само двете првопласирани селекции од шестте групи ќе одат во следната фаза од Европското првенство. Тоа значи дека Македонија покрај селекции како Франција и Германија ќе има исклучително тешка мисија за подолг престој на шампионатот.

Од Диселдорф за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ