По успешно поминатиот прв сегмент од Мундијалот, ракометарите на Македонија денеска го почнуваат вториот дел.
Австрија е селекција која игра поинаков ракомет од нашите три претходни противници. Австријците сакаат многу да трчаат и често практикуваа тактика со 7 на 6.
Досега петтпати сме се сретнале со Австрија на големите натпреварувања, имаме три победи и два порази. Последен пат тоа беше во 2020 година на Европско првенство кога загубивме со 28-32.
Селекторот Кире Лазаров на располагање ги има сите ракометари, сите се здрави и подготвени да го дадат максимумот како и на претходните дуели.
Според обложувалниците Австрија е благ фаворит во денешниот дуел, но се очекува неизвесен натпревар и борба за победа на двете селекции до самиот крај.
И втората фаза од Светското првенство ја играме во Вараждин, лоша вест за нашите навивачи е што организаторот ги зголеми цените на влезниците. Билетите кои беа по 50 евра сега се 80 евра, а тие од 70 евра сега се 100 евра. Колку за споредба, билетите за втората фаза на натпреварите кои се играат во Загреб, чинат по 40, 60 и 80 евра.
И покрај цените, се очекува Фалангата да се појави во задоволителен број во салата во Вараждин и повторно да им биде ветар во грб на нашите ракометари.