Слично како и во првото коло, противникот на Македонија е голем фаворит за победа, овојпат тоа е селекцијата на Холандија. Лалињата го видоа нашето издание против Унгарија, па максимално сериозно ќе влезат во денешниот дуел, но момците на Кире Лазаров ќе имаат свој збор.
Против Унгарија одигравме речиси совршено и вистинска штета што ја испуштивме победата која ја имавме во раце, но резултатот е голем, ќе го прифатевме ако некој ни го понудеше пред да почне мечот.
Сега осоколени од дуелот со Унгарија влегуваме во пресметката со Холандија која игра сосема поинаков стил на ракомет. Според селекторот Лазаров, играта на Холанѓаните помалку ни одговара, но ќе изгинеме на теренот во битката за нов добар резултат.
Македонија и Холандија се сретнаа на претходното Светско првенство, тоа е и едниствениот меѓусебен дуел на овие две селекции. Тој меч го загубивме убедливо со 34-24. Добро би било тој висок пораз да биде дополнителна мотивација за нашите ракометари.
А тие денеска ќе ја имаат поддршката од Фалангата која се очекува во Вараждин да пристигне во уште поголем број, македонските навивачи создаваат атмосфера во која нашите ракометари се чувствуваат како да играат на домашен терен.
Македонија ако го задржи нивото од мечот со Унгарија, има за што да се надева против Холандија.