Како што велат од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА), оваа сеопфатна анализа е обид да се согледаат состојбите со родова еднаквост, условите за влез како и професионален развој на жените во правосудството.
Според резултатите на анализата, постои родов јаз на раководните позиции во правосудството, па така во 70 годишната историја на највисоките правосудни институции, сè уште немало жена државен јавен обвинител.
„Детектирана е слаба застапеност на жените од помалите етнички заедници, па така во досегашните генерации на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) немало ниту една жена од ромската заедница, а застапеноста на жените од другите помали етнички заедници на раководни позиции во рамки на правосудството е исто така многу ниска. Постои изложеност на родово базирано насилство и дискриминација, 40 отсто од судиите и јавните обвинители, особено жените, се соочиле со вербални закани и насилство, вклучително и родово засновани закани во текот на извршувањето на нивната работа, а не постојат воспоставени интерни механизми за заштита и пријавување на овие закани“, покажува анализата на ЦПИА.
Неда Чаловска, експертка за родови прашања рече дека колку e поинклузивно правосудството, толку е повеќе зголемена довербата во него. Според неа, потребно е да се зголеми безбедноста на работното место, посебно на судиите поротнички, кои се изложени на вербално насилство и закани. Во правосудството не постои внатрешен механизам за пријавување насилство или дискриминација на работното место.
Професорката на Правниот факулетет Гордана Лажетиќ истакна дека жените, иако доминираат како бројка во правосудството, сепак се помалку застапени како се оди повисоко во хиерархијата, па така во досегашното постоење на Правниот факултет Јустинијан Први, немало ниту една жена декан на факултетот и покрај пријавените кандидатки.
Адвокатот Александар Гоџо потенцираше дека Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) родовата еднаквост ја гледа низ призмата на дискриминацијата, и во Македонија нема примена на праксата на ЕСЧП иако земјата ја има ратификувано Европската конвенција за човекови права.
Поради сето ова, од ЦПИА препорачуваат ревидирање на клучните закони за експлицитно интегрирање на родовите аспекти, воведување доверливи механизми за пријавување родова дискриминација и сексуално вознемирување, поддршка за жените од немнозинските заедници преку стипендии, таргетирани кампањи и афирмативни мерки, подобрување на условите за работа на судиите поротници и зголемување на нивната безбедност на работа и зголемување на физичката и информативната пристапност во правосудните институции за подобар пристап на лицата со попреченост.
„Анализата покажува дека родовата еднаквост во правосудството не е само прашање на вклученост и напредок на жените, туку и основа за ефективно владеење на правото и подобрен пристап до правда“, велат од ЦПИА.