недела, 19 мај 2024

Македонија како бојно поле на политичките интереси на премиерите Рама и Курти

Објавено на

часот

Сподели

Големи прашања се наметнуваат при разгледувањето на неалбанските амбиции на Рама и Курти за политичко влијание или доминација во албанскиот простор. Се чини дека Социјалистичката партија на Албанија на премиерот Еди Рама и Движењето Самоопределување на косовскиот премиер Аљбин Курти се во трескавична трка за власт преку своите граници и тоа во Македонија и Црна Гора. Сепак, таа трка е поистакната во Северна Македонија.

Премиерот Еди Рама играше на картата за посредување помеѓу албанските партии во Северна Македонија во еден клучен момент кога земјата и навистина беше загрозена од нестабилност, но и кога беше загрозена позицијата на Албанците таму. „Тиранската платформа“ тогаш се покажа како неопходен чин кога на една маса седнаа страните заради создавање влада на стабилност во Скопје.

Во однос на мешањето на Курти во политичките избори во Северна Македонија, треба да се каже дека позитивна страна на ангажманот на Аљбин Курти беше обединувањето на албанската опозиција во еден блок.

Несомнено така ќе се зајакнат тие партии што може да гарантира повеќе пратеници Албанци во македонскиот парламент.

Но, дали е тоа намерата на премиерот Курти? Тешко е да се рече дека токму тоа е политичката мисија на Курти во Северна Македонија. Всушност, ова движење има за цел да создаде заеднички фронт против иницијативата Отворен Балкан, иницирана од Рама, Заев и Вучиќ. Иницијатива која иако згасна по повторното активирање на „Берлинскиот процес“, сепак дише во Белград, Тирана и Скопје.

Аљбин Курти остана сам во регионот и тоа пред Вучиќ и цели да изгради сојузи меѓу Албанците во регионот.Но, ваквата конфронтација на Курти не е само против српскиот претседател Вучиќ, туку е и против премиерот Рама, кој не му помогна за да му го олесни владеењето во Косово.Отвореното ривалство помеѓу нив е евидентно и тоа не само во Приштина и во Тирана, туку и низ коридорите на меѓународните институции.И, денес гледаме дека нивното ривалство продолжува во Скопје, каде за првпат се чувствува жестока политичка битка меѓу два албански блока.

Така, една од целите на Самоопределување во Северна Македонија е од власта да ја собори Демократска унија за интеграција, предводена од Али Ахмети, инаку  поддржувач на идеите на Еди Рама и на власт да ги доведе опозициските партии со кои Курти отворено соработува .

Самиот Али Ахмети во јануари во интервју за албанската телевизија Топ чанел, во однос на ставовите на премиерите Рама и Курти за партиите на Албанците нагласи: „Еди Рама никогаш не се мешал во внатрешните работи на (Северна) Македонија. Напротив, тој отсекогаш се трудел да ги зближи партиите во (Северна) Македонија, и секако сум му благодарен за тоа. Но, од друга страна, нешто друго се случи во пресрет на претседателските избори кога господинот Курти зазеде страна“.

Меѓутоа, во овој напис јасно ќе видиме дека дури и официјална Тирана и самиот премиер Еди Рама се мешаат во овие избори зашто директно го поддржуваат Али Ахмети и неговата партија ДУИ.

Политичките поделби заради релацијата Рама – Курти и меѓусебните обвинувања на Тирана и Приштина за мешање во внатрешните работи

Тоа се примери за надворешно мешање што е крајно опасно. Опасно не само за Албанците таму, туку и за односите меѓу Албанија и Косово каде што сме еден народ. Покрај политичките, економските и социјално – културните врски, во последните години имаше обвинувања за мешање во внатрешните работи и од владата на Тирана и од таа на Приштина.

Значи, обвинувањата беа меѓусебни.

Вербалните судири меѓу премиерот на Косово, Аљбин Курти, и на Албанија, Еди Рама, се добро познати и имаат конзистентна линија во последните пет години. Постојат неколку ставови на премиерот Рама кои беа критикувани како штетни од Владата на Косово – почнувајќи од неговата поддршка за идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија, преку иницијативата Отворен Балкан, па до презентацијата на нацрт – предлогот за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

2018 година беше токму годината што ги истакна политичките поделби меѓу Албанија и Косово. Во летото 2018 година, преку различни механизми беше презентирана идејата за „корекција“ или „дефинирање“ на границите меѓу Косово и Србија како можно решение за споровите меѓу двете држави.

Курти, во тоа време, го критикуваше Рама дека ја поддржува оваа идеја. Идејата за промена на границите од страна на Хашим Тачи и поддршката на Еди Рама за овој договор ги разниша односите меѓу Албанците како овде, така и преку границата. Тоа донесе обвинувања за национално предавство, а сè погласен стана сојузот на опозицијата во Албанија со онаа на Косово, односно сојузот Сали Бериша – Аљбин Курти.

„Одмаздата“ на Курти кон Рама следуваше веднаш. Во декември истата година, Курти ги поддржа протестите на студентите на државните универзитети во Албанија, кои се спротивставија на високите школарини и бараа повисок квалитет во образованието. За време на студентските протести 2018 – 2019 година, инаку втори по големина во историјата на Албанија, Самоопределување на Аљбин Курти во Тирана беше обвинета како поттикнувач и како скриена рака што ги придвижи конците на студентските протести. А тоа, всушност, сериозно ја шокираше владата на Рама.

Потоа, во 2019 година Самоопределување стапи на политичката сцена во Албанија, иако во судот во Тирана не беше регистрирана како политичка партија, туку како центар.

Во тоа време се зборуваше дека „Центарот за движењето Самоопределување“ е формиран за да се зголеми „свеста и посветеноста во однос на албанското национално прашање“. Но, на 25 април 2021 година, партијата на Курти, движењето Самоопределување се натпреваруваше на општите избори во Албанија, во три албански општини: Тирана, Лежа и Ѓирокастро. Дел од изборната кампања стана и самиот косовски премиер, Аљбин Курти. Тој во своите говори во овие три града побара поддршка за „нови алтернативи“, нагласувајќи дека ставовите, практиките и идеите трошени 30 години не можат да им понудат ништо ново на граѓаните на Албанија.

Така, црвената линија што ја премина Курти беа токму парламентарните избори во Албанија во 2021 година кога Курти, иако новоизбран за премиер на Косово, гласаше во избирачкиот центар во Тирана за сопствената партија Самоопределување. И не само тоа, Курти го обвини Рама за мешање во внатрешните работи на Приштина, поради ангажманот на Рама во дијалогот со Србија. Проектот Отворен Балкан пак, донесе изразита поделба помеѓу лидерите и владите на релацијата Тирана – Приштина.

На 10 октомври 2019 година, Србија, Албанија и Северна Македонија усвоија декларација што доведе до договорот за балканскиот „мини – шенген“, кој подоцна беше преименуван во „Отворен Балкан“. Курти, тогаш кандидат за премиер на Косово, се спротивстави на иницијативата, велејќи дека Рама направил грешка во чекори.

Според него, иницијативата треба да биде на Косово и на Албанија, за потоа да се вклучат и останатите земји од Западен Балкан, а дури на крајот Србија. Курти и Рама јавно ги изразија своите несогласувања и за прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство, на чие формирање и понатаму инсистира меѓународната заедница. Рама рече дека предлог – статут на оваа асоцијација поднел до високите функционери на ЕУ, како и до германскиот канцелар Олаф Шолц и до францускиот претседател Емануел Макрон – што предизвика незадоволство кај Курти и во владата на Косово.

2017- година на кризата и големата пресвртница меѓу Албанија и Македонија

Ако односите Албанија – Косово беа разнишани во последните пет години,  спротивното се случи во односите Албанија – Северна Македонија, во последните години забележаа позитивен пресврт. Што се однесува до односите меѓу Албанија и Северна Македонија, можеме накратко да кажеме дека до 2017 година разликите и судирите беа големи. Албанската влада беше повеќе поврзана со албанските политички партии во Македонија отколку со македонската влада, било тоа да беше ВМРО или СДСМ. Овој јаз меѓу нашите две земји се случи и поради политичката нестабилност како во Албанија, така и во Македонија.

Но, претходно, поделбите меѓу двете земји се должеа и на српското и источното влијание врз Македонија. Сепак, 2017 година беше врвот на кризата, со оглед на „Тиранската платформа“, одржана во Албанија под водство на Еди Рама и заради обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за мешање во внатрешните работи на Македонија.

Потсетуваме дека во 2017 година, премиерот на Албанија, Еди Рама, ги покани албанските политички партии од Македонија во Тирана за да разговараат за актуелните случувања во таа земја и можната координација на акциите на албанските партии. Албанските партии потоа излегоа со соопштение, во кое, меѓу другото, порачаа дека „се залагаат за подигнување на статусот на Албанците во Македонија како државотворен народ – со службен јазик со ист статус како македонскиот – и за решавање на многу други етнички прашања“. Исто така, 2017 година донесе голем пресврт меѓу нашите две земји, бидејќи со новата влада на СДСМ и ДУИ, официјална Тирана би имала поблиска соработка. Во име на заедничкиот европски пат, со владеењето на албанската и македонската партија, но и со проектот „Отворен Балкан“, двете влади во Албанија и во Македонија  создадоа повеќе терен за соработка, со меморандуми и со директни врски меѓу официјална Тирана и официјално Скопје.

НАТО и ЕУ се двата столба на кои денес силно се потпираат нашите односи. Но, не се знае како ќе продолжат овие односи по 8 мај, со оглед на посветеноста на официјална Тирана како поддржувач на албанските политички партии. Но, што се однесува до албанските политички партии во Македонија, тие сè уште се „временски рудник“ и нивната „свртеност“ кон странство ризикува длабока нестабилност не само во Северна Македонија, туку и во регионот. Затоа мешањето на Курти и Рама на овие избори не е во служба на албанските партии. Дури и нивната употреба заради личните политички интереси носи непоправливи штети не само за Албанците, туку и помеѓу Албанците и Македонците, кои уште се во кревок соживот.

Марјана Дода

(Преземено од Аргументум.ал)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ