Наспроти ваквите очекувања на македонскиот државен врв, грчкиот министер за надворешни работи, Ставрос Димас, во денешното издание на „То вима“ изјави дека го поддржува активирањето на преговарачкиот процес, но дека брзото решение на спорот е во рацете на премиерот Груевски.
Едночасовната координативна средба во Скопје се одржа по иницијатива на претседателот Иванов, а во пресрет на преговорите со медијаторот Метју Нимиц, закажани за 16-ти и 17-ти овој месец во Њујорк. Се разговарало за насоките во преговорите со кои амбасадорот Зоран Јолевски ќе излезе на одвоената средба со медијаторот Нимиц, кој ќе се сретне одделно и со грчкиот преговарач Василакис.
„Државниот врв на Република Македонија изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Привремената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за наоѓање решение во процесот што се води под покровителство на ОН“, се вели во соопштението.
На средбата кај претседателот Иванов присуствуваа и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, заменик – претседателот на Владата, Муса Џафери, и министерот за надворешни работи, Никола Попоски.